Се реализира проект за реформа на јавната администрација и зајакнување на капацитетите на МИОА

Скопје, 06 септември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски беше дел од промоцијата на проектот “Помош за реформа на јавната администрација и зајакнување на капацитетите на Министерството за информатичко општество и администрација”.

 

„Овој проект игра клучна улога во модернизацијата на администрацијата, но и во нејзиното приближување до граѓаните. Преку новите функционалности, граѓаните и граѓанските организации ќе имаат многу подиректен пристап и можност за консултации со Владата и нејзините институции“, истакна министерот Манчевски.

 

„Особено е важен делот на проектот за развој на информатичкото општество. Во текот на следната година Македонија конечно ќе добие Централен електронски регистар на население, повторно со поддршка на ЕУ. Регистарот конечно ќе ги реши проблемите со базите на податоци на граѓаните. Повеќе нема да имаме проблеми со избирачкиот список, личните карти, здравствените картички...“, посочи Манчевски.

 

Како што потенцираше министерот Манчевски, овој проект е значаен и за националниот портал со е-услуги.

 

„Во текот на следната година ќе воведеме и сосема нов портал за е-услуги. Значително ќе го зголемиме бројот на документи и услуги кои граѓаните ќе ги добиваат по електронски пат. Тоа ќе обезбеди заштеди на пари и време за граѓаните“, информираше министерот Дамјан Манчевски.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација