Со примена на ИКТ до поквалитетен образовен систем

Скопје, 28 декември 2017 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска беше дел од настанот: „Предизвик 365“, во организација на Мајкрософт Македонија.

 

„Оваа Влада ги менува политиките, особено во делот на искористеноста на ИКТ во образованието. До сега се набавуваше хардвер, без некаков план за негова примена. Затоа денес, училиштата ни се пренатрупани со компјутери кои не се користат. Тие се веќе застарени и голем дел од нив неупотребливи. Тоа беа погрешни политики. Наша обврска е да обезбедиме можност за користењето на напредните информациско-комуникациски технологии. Мораме да развиеме наставни содржини кои ќе се презентираат преку користење на ИКТ“, истакна министерот Манчевски, осврнувајќи се на заложбите на Владата во делот на дигитализацијата во сите сфери од општеството.

 

„Исто како и Мајкрософт и ние сме убедени дека информатичката технологијата може многу да помогне во процесот на образование, да го олесни учењето на децата, да им овозможува на студентите и возрасните и да стекнат нови знаења. Само со образовен систем што ги следи новите можности што ги нудат новите технологии, ќе создадеме млади луѓе кои по завршувањето за образованието ќе бидат конкурентни на пазарот на труд“, потенцираше министерот Манчевски.

 

Како што истакна тој, информатичката технологија треба да биде силна алатка, која ги зголемува потенцијалите на луѓето и ја поттикнува нивната креативност. Најдобар начин да се постигне тоа е да се имплементира и во образовниот процес. Тоа може да се постигне само со заедничка работа и соработка помеѓу владините институции, академската заедница, бизнисите и граѓанските организации.

 

Во рамки на настанот, наставниците и професорите ги презентираа своите искуства од користење на Office 365 во наставата. Најдобрите презентации беа наградени.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација