Сподели:

Прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски

Скопје, 05 ноември 2018 година

Во прилог интегрален текст од обраќањето на министерот Манчевски на денешната прес-конференција:

Министерството за информатичко општество и администрација започнува со процесот на хоризонтална функционална анализа.

Што значи ова? Ова значи дека конечно во Македонија, ќе воведeме ред во хаосот што постои во системот. И за тоа усвоивме Акциски план со конкретни мерки и временска рамка.

На овој процес му претходеше мапирање на постојните институции во земјата. И тоа до сега не беше направено. Спроведовме и анализа на правната рамка со која се регулираат институциите од јавниот сектор. Направивме и групирање по статус и вид, линии на одговорност и други релевантни информации. Целосно го исцртавме системот.

Анализата на регулативата, покажа дека само 62 органи се регулирани со Законот за организација и работа на органите на државната управа,  додека 66 со посебни закони. Ова значи дека повеќе од половина од државните органи се формирани без да им се определи јасно статусот, не се препознаваат линии на одговорност, а постои и поклопување на надлежности.  Регулативата со која се формираат агенциите  и  инспекциските  служби  на  централната  власт  е фрагментирана,  сложена,  нејасна  и  предмет  на  чести  измени  и  дополнувања.

Само како пример. Веќе спроведовме хоризонтална функционална анализа на инспекциските служби. Целта беше да се оцени поставеноста на инспекциските служби во системот, нивната меѓусебна поврзаност, внатрешната организација и систематизација на работни места, интерните работни процеси, располагањето и користењето на опрема и средства за работа и слично. Наодите укажуваат дека во одреден дел постојат преклопувања на надлежностите, а во случаите кога инспекциските служби се организирани во рамки на министерство или друг орган на управата, инспекторите често вршат и други работи и работни задачи кои не се нивна работа.

Резултат на хоризонталната функционална анализа ќе бидат реорганизација и оптимизација. Очекуваните придобивки се следните:

- ќе се воспостават рамки за институционална организација

- ќе се реши проблемот со преклопување на надлежностите на институциите

- ќе се реши и проблемот со институции со еден човек

- ќе имаме јасни критериуми за тоа кои институции од кого можат да бидат основани и која институција пред кого одговара. Да престане админстративниот пинг понг со граѓаните и фирмите.

Сега можеме да кажеме дека имаме и јасна слика за тоа како треба да изгледа администрацијата, за да може подобро да им служи на граѓаните.

Целта е институциите да се групираат по области на дејствување.  Министерствата ќе бидат креатори на политики, агенциите ќе се задолжени за спроведување на политиките, а функцијата на надзор ќе биде во надлежност на инспекторатите. Да се поедностави работата.

Ова ќе значи и ревизија на Законот за организација на органите на државна управа. Кои се опциите за институциите?

- може да го задржат статусот и функцијата;

- може да бидат присоединети со друга институција;

- може да дојде до спојување на повеќе институции во една;

- може да дојде до укинување на институцијата и пренос на нејзината надлежност на друга институција;

- може да се формира нова институција – во исклучителни случаи каде што функцијата се извршува дисперзирано од страна на повеќе институции или е сосема нова функција.

Крајната цел е да се подобри ефикасноста на институциите, да се намалат трошоците, но да се подобри квалитетот на услугите што институциите ги нудат до граѓаните и фирмите.

Во оваа реформа, Владата влегува партнерски со Европската Унија и СИГМА. Тоа се нивни препораки и секојдневно работиме заедно на оваа тема. Имаме помош и од УСАИД и од УНДП. Изготвен е и Акциски план со временска рамка и конкретни чекори. Ова е процес кој го почнуваме сега. Тој ќе трае, ќе бидат потребни и серија на законски измени. За некои можеби ќе биде и болен процес. Но, ова е нешто што мораме да го направиме. Време е да ставиме ред во хаосот. Тоа го бараат граѓаните од нас.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

 

MINISTER

Minister od information society and administration

Search form