Сподели:

Министерот Манчевски дел од конференцијата Freedom Online. Регионалната академија за сајбер безбедност во Скопје ќе придонесе за јакнење на капацитетите на администрацијата

Берлин, 30 ноември 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се обрати на конференцијата Freedom Online, што се одржува во Берлин, Р. Германија.

Министерот Манчевски беше дел од панел сесијата на тема: „Безбедност и човекови права“.

Во своето обраќање министерот Манчевски, се осврна на неопходноста од обезбедувањето на баланс помеѓу сајбер безбедноста од една страна, и заштитата на човековите права од друга.

„Со цел да ги разбереме предизвиците во однос на безбедноста и човековите права, прво треба да го разбереме контекстот на дигиталната ера. Анонимноста овозможена од комуникациската мрежа им овозможува на корисниците да ги изразат своите мислења и верувања ослободени од било какви оптоварувања. Сепак, не секој поединец во дигиталната заедница дејствува без скриени, а понекогаш и лоши намери. Оттука, често ги гледаме злонамерните корисници што шират нелегална пропаганда, навредлива содржина, виртуелна дискриминација и други форми на виртуелна злоупотреба. Овие активности можат да бидат подеднакво, ако не и повеќе опасни за безбедноста на нашите граѓани и државата“, рече министерот Манчевски.

Како што истакна тој ова претставува обврска на владите да постапуваат соодветно. Со цел да се осигури безбедноста на граѓаните во сајбер просторот, се воведуваат нови мерки за одбрана и безбедност. Понекогаш овие механизми се во конфликт со принципите на човековите права. Неизбежно е да постои компромис помеѓу националната безбедност и правото на приватност и заштита на личните податоци.

На прашањето каде да ја исцртаме линијата? и кога безбедноста и одбраната треба да бидат приоритетни во врска со заштитата на податоците и приватноста?, министерот Манчевски го претстави пристапот на македонската Влада, за справување со оваа дилема.

„Во текот на една година ја развивме првата Национална стратегија за сајбер безбедноста, заедно со Акционен план кој следната недела ќе биде усвоен на Влада. Сепак, регулативата и стратегијата не се доволни. Промената доаѓа одвнатре и јавната администрација е носител на оваа визија. Затоа поставуваме амбициозна цел за формирање на регионален центар за обука и истражување на сајбер безбедноста во Скопје, каде што ќе бидат обучени вработените во јавната администрација. На овој начин, Владата ќе има силна работна сила, опремена со дигитални вештини и капацитети“, истакна министерот Манчевски.

Како што посочи министерот Манчевски, политичка волја е многу важна за решавање на овoj проблем.

„Јас, како министер за информатичко општество и администрација, како и министерката за одбрана и министерот за внатрешни работи, сме свесни за прашањата на одбраната и сајбер-безбедноста. Сепак, треба да ја подигнеме важноста за ова прашање на ниво на цела држава. Политичките лидери треба да ја разберат важноста на сајбер безбедноста и да преземат соодветни мерки, додека граѓаните треба да бидат информирани за нивните права, ризиците и мерките што се на располагање. Транспарентноста во тој процес е од најголема важност“, заклучи министерот Манчевски.

Покрај министерот Манчевски, на панел сесијата се обратија и проф. Дејвид Кеј, специјален известувач на ООН за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, Татјана Тропина од Институт за меѓународно кривично право „Max-Planck“, Бедавјаса Моханти, соработник, од Фондација за истражување и набљудување и Лилс Брунер, директор на Глобална јавна политика „AT& T“.  Сесијата ја модерираа Хели Тирмаа-Клаар, амбасадор за сајбер-дипломатија од  Естонија и Рауно Мерисари, амбасадор за човекови права и демократија од Финска.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

MINISTER

Minister od information society and administration

Search form