Сподели:

Министрите Манчевски и Поповски ја потпишаа Декларацијата против говорот на омраза во медиумите: Против говорот на омраза е потребно обединување на државниот сектор, медиумите и граѓанските организации

Скопје, 30 јануари 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски и директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Сашо Тасевски,  денеска, во ЕУ Инфо центарот во Скопје ја потпишаа Декларацијата против говорот на омраза во медиумите.

Декларацијата произлезе од Иницијативата на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за формирање Мрежа за борба против говорот на омраза во медиумите и ја потпишаа сите членки кои пристапија кон Мрежата.

Основна цел на Мрежата е превенција на ширењето на говорот на омраза во јавната сфера, зајакнување на професионалното и етичко вршење на новинарската дејност и подигнување на свеста на медиумските работници и пошироката популација за негативните последици од говорот на омраза и наоѓање начини за нивно спречување.

На настанот свои обраќања имаа извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, Катерина Синадиновска, претседателка на Управниот одбор на СЕММ  и Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ.

Со новоформираната Мрежа ќе се остварат цели во насока на превенција и заштита на јавноста од повреда на човековите права преку говорот на омраза и лажните вести, а во насока на транспарентност и подобрување на состојбите во медиумската сфера.

На настанот беше посочено дека според последниот извештај од канцеларијата на  претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир, во Македонија ситуацијата со слободата на медиумите како и безбедноста на новинарите е значително подобрена и дека позитивно се оценуваат одлуките на актуелната Влада за подобрување на законските рамки и продолжување на реформите во медиумската сфера.

Беше изразено и уверување дека денеска објавената Мрежа и потпишаната Декларација ќе придонесат за систематски пристап против говорот на омраза и континуирано ќе се работи на идентификација на проблемите поради кои таа се појавува, со цел да се отстранат негативните влијанија.

Во однос на статистичките податоци за регистрирани појави на изразена говор на омраза и на други видови дискриминација,  беше истакнато дека тие во последниот период, по промената на власта бележат намалување.

Оваа иницијатива е значајна од аспект на обединување на повеќе општествени алки, како што се државните институции, медиумите и невладините организации кои заеднички треба да го превенираат ширењето на говорот на омраза во јавната сфера, но и да реагираат кога е потребно санкционирање на негативните појави. Потпишувањето на Декларацијата има за цел да покаже дека постојат здружени сили кои имаат намера да го запрат говорот на омраза и било каква друга дискриминација.

Мрежата ја сочинуваат претставници на професионалните медиумски и новинарски здруженија, државни тела за заштита на човековите права, државни и регулаторни тела и граѓански организации, но според СЕММ процесот за приклучување на сите заинтересирани субјекти е отворен.

Со потпишувањето на Декларацијата од страна на претставници на министерствата и државните институции, Владата на РМ ја потврдува својата заложба за слобода на изразување, поддршка на професионалните етички стандарди и борба против говорот на омраза.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

MINISTER

Minister od information society and administration

Search form