Сподели:

Шекеринска и Манчевски дел од тркалезната маса на тема: „Креирање на јавните политики во перспектива на Европската Унија“

Скопје, 04 јуни 2018 година

Заменичката на Претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, учествуваа на денешната тркалезна маса на тема: „Креирање на јавните политики во перспектива на Европската Унија“, во организација на Граѓанската алијанса за транспарентност.

Зборувајќи на панелот „Како да го надоместиме загубеното“, министерката Шекеринска рече дека владата е фокусирана не на минатите 11 години, туку на тоа што може сега да се направи.

„Доволно е да ги прочитате првите страници на Извештајот на европската комисија за Македонија, и да видите дека фокусот овие дванаесет месеци навистина бил кон тоа како Македонија повторно да покаже капацитет за реформи и капацитет да произведува резултати, а не само да најавува резултати“, рече министерката.

Таа го спомена и извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори „во кој излезе една многу силна реченица, а тоа е дека овој изборен процес ја вратил довербата на граѓаните во тоа дека изборите се рефлексија на нивното мислење, а не на барањето на политичките елити“, истакна Шекеринска.

За еден од клучните столбови на демократијата, слободните медиуми, Фридом Хаус во својот извештај истакна дека Македонија е речиси единствената светла точка во Европа.

„Фактот дека Македонија е единствена која покажа подобрување на резултатот во поглед на слободата на медиумите не е квалификација на владата, туку е квалификација на една од институциите која се смета за најкредибилна организација, најкредибилна во оценка на состојбите“, порача Шекеринска.

Шекеринска потсети на изјавата на германскиот амбасадор во Македонија кој истакна дека нашата земја во периодот јуни - јули треба да добие датум за почеток на преговори и покана за членство во НАТО. „ Македонија создаде голем политички капитал и тоа Германија не може да не го цени. Мислам дека ова е реченица која знаеме колку е тешко да се заслужи од една од големите и влијателни земји – членки“, посочи министерката.

Министерката на панелот заклучи: „Предизвиците на нашата генерација да не бидат исти предизвици на генерациите кои што доаѓаат - да ги отвораме европските поглавја, а некои поглавја на поларизација, на поделби, конфликти, на неказнивост, на заробени медиуми, тие поглавја дефинитивно да ги затвориме“.

Министерот Манчевски, во своето обраќање се осврна на подготвеноста на јавната администрација за почнување на преговарачкиот процес, како и за партнерството со граѓанските организации во процесот.

„Она со што се соочив откако влеговме во институциите е дека системот на поставеност е руиниран, а во многу институции не ни постои систем. Тоа е еден од проблемите заедно со кадровскиот потенцијал со којшто располага јавната администрација. Квалитетните кадри во изминатите години си заминале, и тоа е првиот предизвик. Вториот проблем е сериозниот недостаток на анализи, статистики и податоци кои можат да ни служат како основа за креирање на законски решенија, кои можат да бидат основа за преговорите. Затекнавме недостаток на хоризонтална координација меѓу институциите, нешто што го надминуваме преку креирање на заеднички стратегии и советодавни тела одговорни за имплементација, а во кои се вклучени сите засегнати институции“, истакна министерот Манчевски. Како што потенцирање тој хоризонталната функционална анализа којашто во моментов се прави за прв пат во Македонија, има за цел добивање на јасна слика за тоа како се поставени институциите како основа за реорганизација и јакнење на капацитетите.

Во однос на соработката со граѓанските организации, министерот Манчевски, рече дека искуството, аналитичките и експертските капацитети што ги поседува граѓанскиот сектор се од клучно значење за квалитетот и брзината со којашто ќе се водат преговорите.

„Во партнерство со граѓанските организации мораме да ги дефинираме преговарачките тимови на секторско ниво, и тоа треба да го направиме што поскоро. Добро е дека постои свесност и во институциите и кај граѓанските организации дека неопходна е вклученост на сите во процесите кои ни престојат. Наша обврска е да и помогнеме на Македонија во овој период, а тоа можеме да го направиме со целосна подготвеност и посветеност“, истакна Манчевски, повикувајќи ги граѓанските организации да бидат активно вклучени во преговарачкиот процес.

На тркалезната маса обраќања имаа и Н.Е Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ, Н.Е. Данијела Баришиќ, амбасадорка на Република Хрватска и Андреј Енгелман, дел од преговарачкиот тим на Словенија.

Шекеринска и Манчевски дел од тркалезната маса на тема: „Креирање на јавните политики во перспектива на Европската Унија“

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form