Сподели:

Манчевски: Отворените податоци ќе придонесат за социјален и економски развој

Скопје, 18 јуни 2018 год.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска беше дел од презентацијата на нацрт Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци.

Министерот Манчевски, се осврна на важноста од отворените податоци за гарантирање на транспарентноста и отчетноста во работењето на институциите и за обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните.

„Владата и МИОА во своето работење се стремат кон креирање на отворено општество преку зголемување на транспарентноста и отчетноста. Препознавме дека отворените податоци можат да бидат силен поттик за социјален и економски развој. Тие може да се искористат и за подобрување на управувањето преку зголемување на транспарентноста, отвореноста, интегритетот и јавното учество во централната и локалната власт. Користењето на податоците по нивно целосно отворање и достапност, ќе придонесе за формирање на еден повитален бизнис сектор и активно граѓанско општество кое придонесува кон развојот на општеството и економијата во целина“, истакна министерот Манчевски.

Пристапот на граѓаните до информации за работата на државните институции ќе се зголеми и олесни, а транспарентноста ќе доведе до зголемување на ефикасноста и отчетноста во процесот на донесување одлук. Тоа ќе го зајакне односот меѓу граѓаните и државните институции и ќе помогне во градењето на доверба на граѓаните во институциите.

„Широката употреба на дигиталните технологии  ги прави овие содржини сѐ повреден ресурс во изготвувањето на иновативните производи и услуги со додадена вредност. Отворените податоци можат да бидат и еден од главните извори на образовно и културно знаење за целата земја. Првиот и најпрактичен начин за стимулирање на економијата се новите бизниси. Достапноста на отворените податоци за бизнис секторот ќе овозможи трансформација на отворените податоци во нови производи и услуги. Достапност на начин кој ќе овозможи понатамошна слободна употреба ќе доведе до создавање на нови бизниси или нови услуги и производи во рамките на постоечките бизниси.

На другите чинители како што се бизнисите, невладините организации, медиумите тоа ќе им овозможи создавање на нови услуги, анализи врз отворените податоци, подготвување на извештаи и доставување иницијативи“, рече министерот Манчевски зборувајќи за можностите кои стојат на располагање со отоврањето на податоците.

На конференцијата се обрати и заменик-амбасадорот на Велика Британија, Н.Е. Пол Едвардс. Тој ги поздрави заложбите на Владата и на Министерството за информатичко општество и админситрација, да работат транспарентно и да бидат отворени за критики и забелешки.

„Кога некој податок не е објавен, граѓаните мора да знаат што е причината за тоа. Владата прави значителен исчекор во тој дел и Британската амбасада тоа го поздравува и го поддржува“, истакна заменик-амбасадорот Едвардс.

Во наредниот период МИОА, ги повикува сите засегнати страни и заинтересирани граѓани да испраќаат забелешки и предлози на објавената нацрт верзија на Стратегијата и Акцискио план за отворени податоци, и со тоа да придонесат кон дефинирање на документи кои ќе ги пресликаат потребите на граѓаните за добивање на квалитетни услуги поблиску до нив.

Изработката на Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци е дел од проектот „Поддршка на реформите во јавната администрација“, поддржан од Британската амбасада, имплементиран од Центарот за управување со промени.

 

 

 

 

 

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form