Сподели:

Објавени Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги

Скопје, 10 септември 2018 год.

Министерството за информатичко општество и администрација, ги објавува драфт верзиите на Законот за централен регистар на население, Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

Законите се резултат на детална анализа на домашното законодавство во насока на обезбедување на безбеден пристап до електорнските услуги за граѓаните, како и воведување на електронска идентификација за користење на истите.

Националниот портал за услуги и каталогот на услуги ќе имаат повеќе функционалности. Електронските услуги ќе бидат достапни до највисоко ниво на софистицираност, односно од моментот на поднесување на барање за некоја услуга до самото добивање на актот. Оттука, а во отсуство на конкретна законска регулатива во моментот, се наметна потребата од изготвување на законско решение. Со овој закон се обезбедува ефикасно и ефективно спроведување на надлежностите на органите и институциите, како и надлежностите, правата и овластувањата на субјектите кои обезбедуваат услуги од јавен интерес, врз основа на утврдени стандарди и процедури, во согласност со одредбите на овој закон и посебните закони, сето во функција на обезбедување на електронски услуги за корисниците на услуги.

Централниот регистaр на население претставува единствена база во која ќе се чуваат реални податоци за граѓаните. Како клучни институции се јавуваат МВР, УВМК, и Централниот Регистар. Во базата ќе се преземаат податоци од повеќе институции и преку алгоритми ќе се проверува колкава е точноста на тие податоци, со што добиениот податок за конкретно лице ќе може да се гарантира дека е вистинит и точен. Оттука, а во отсуство на конкретна законска регулатива во моментот, се наметна потребата од изготвување на Нацрт-текст за Закон за централен регистар на население.

Со цел инклузивност на процесот на креирање на овие три клучни закони, беше формирана работната група за подготовка на овие нацрт закони. Членови на работната група беа вработени во Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда-Управа за водење на матичните книги, Државен завод за статистика, Министерството за труд и социјална политика, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Покрај одржаните состаноци на работната група, беа извршени и консултации со релевантни претставници од институциите коишто се вклучени во процесот на креирање на бази на податоци и институции што обезбедуваат услуги по електронски пат во постапки за остварување на поединечни права.

Правна помош беше побарана и од четири домашни експерти и еден меѓународен експерт. Дополнително, а заради транспонирање на регулативата на ЕУ, еIDas, обезбедена е и соодветна правна и ИТ помош од страна на ИПА2012.

Законите беа објавени и на ЕНЕР, каде во период од 20 дена, беа достапни на коментари и забелешки од сите засегнати и заинтересирани страни.

Драфт верзиите, ќе бидат испратени на мислење до Европска Комисија и останати релевантни организации, по што ќе бидат финализирани.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form