Сподели:

Средба Манчевски-Дезир: Состојбата со медиумите во Македонија е значително подобрена. Потребно е брзо носење на Законот за АВМУ

Скопје, 17 септември 2018  година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска оствари работна средба со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми, Харлем Дезир и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорот Клеменс Која.

На состанокот министерот Манчевски и претставникот на ОБСЕ Дезир разговараа за состојбата со медиумиските слободи во Македонија, носењето на Законот за АВМУ, медиумското известување, како и безбедноста на медиумите.

Министерот Манчевски се осврна на процесот на носење на Законот за АВМУ.

„И покрај тоа што верзијата којашто во моментов е во собраниска процедура, беше финализирана со заедничка вклученост на сите засегнати страни, како и со поддршка на Европската Унија и ОБСЕ, Законот е блокиран во Собрание, од страна на опозицијата. Единствена причина за тоа, е продолжувањето на мандатот на членовите на советот на ААВМУ и програмскиот совет на МРТВ. Од друга страна, ние инсистираме, процесот на избор на членовите во овие две тела да биде транспарентен, и членовите да ги исполнуваат професионалните критериуми јасно предвидени со овој закон“, посочи министерот Манчевски.

Поддршката во овој процес од ОБСЕ, пред се за медиумските работници, но и за демократскиот амбиент во државата е од особено значење.

„Важно е да се има оваа нова можност и да се разговара за промовирање на слободата на медиумите, во вакво одлучувачко време за иднината на земјата. Драго ми е што реформите поврзани со медиумите остануваат високо на листата на приоритети на Владата, вклучувајќи го и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тука, особено е важна и улога на јавниот радиодифузен сервис, како и потребата за негово правилно финансирање и обезбедување на уредувачка независност. Мојата канцеларија, како и досега така и во иднина ќе продолжи да обезбедува помош во овој процес“, истакна Дезир.

Како што истакна тој, и покрај тоа што Законот за АВМУ, се уште не е изгласан во Собрание, може да се забележи значително подобрување на состојбата со медиумите во Македонија.

Претставникот на ОБСЕ, Дезир е во посета на Скопје, во рамки на конференцијата „Денови на медиумите: ЕУ-Западен Балкан“, каде што заедно со Претседателот на Владата, Зоран Заев и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, го отворија настанот.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form