Сподели:

Министерот Манчевски ја отвори конференцијата на тема: „Дигитална трансформација во Македонија“.

Скопје, 27 септември 2018 год.

Министерот за информатичко општество и администрација денеска беше дел од отворањето на конференцијата на МАСИТ на тема: „Дигитална трансформација во Македонија “, каде се осврна на аспектите на дигитализација во Македонија.

„Ќе почнам со приказната за фабриката за лего коцки. Се започнува во една данска столарска работилница во 1932 година. Сопственикот прво изработувал дрвени коли, камиончиња, јо-јо... По втората светска војна, неговиот син купил машина за пластика  којашто почнала да ги изработува лего коцките. Откако во пожар изгореле голем дел од дрвените играчки, сопственикот решил да не произведува повеќе дрвени играчки и се пренасочило само кон пластичните играчки. Во текот на годините што следат, фабриката продолжила да воведува нови иновативни играчки, но и мобилни игри и мобилни апликации кои служат за забава и за едукација. Но, каква била дигиталната трансформација на една ваква компанија како ЛЕГО? Лего, како и секоја друга компанија, имала проблеми со трансформацијата. Но, со реорганизација, се е можно. Она што го изјавил менаџментот е дека пребродувањето на периодот бил тежок, но дека имале многу знаење во организацијата“, истакна министерот Манчевски.

Зборувајќи за предизвиците што со себе ги носи дигиталната трансформација, Манчевски се осврна на административната реорганизација.

„Административната реорганизација треба да не доведе до подобра бизнис клима, сервисно-ориентирана администрација, насочена кон граѓаните. Тоа ќе значи дека ќе треба да поставиме нови правила. Правила кои во голем дел се превземени од приватниот сектор. Но тоа не смее да бидат правила кои ќе значат пререгулација. Ќе треба да ги составуваме коцките внимателно. Патот на дигиталната трансформација не е лесен. Тоа всушност претставува прилично скап потфат. Потребни се инвестиции во инфраструктурата, но и во човечките ресурси. И не е само да се инсталира хардвер и софтвер. Најчесто дигиталната трансформација значи целосен редизајн на процесите“, посочи министерот Манчевски.

Во однос на тоа што во моментов работи Министерството за информатичко општество и администрација и Владата, министерот Манчевски зборуваше за актуелните проекти кои ќе придонесат за дигитална трансформација на Македонија.

„Резултатите на оваа трансформација ќе бидат многу видливи од почетокот на 2019 година. Воведуваме електронски регистар на население, проект финансиран од ЕУ. Нов национален портал за е-услуги кој оригинално беше наменет само за граѓани, но го трансформиравме да нуди услуги и на компаниите. Исто така проект финансиран од ЕУ. Во фаза сме на носење на законската регулатива за воведување на електронскиот идентитет на граѓаните, согласно сите европски регулативи. Правиме Каталог на сите услуги кои администрацијата ги дава за граѓаните и за бизнисите. На едно место да можете да добиете информација за било која услуга. И тука имаме помош од ЕУ.

Ја усвоивме Стратегијата за отворени податоци. До крајот на годината ќе биде пуштен во употреба новиот портал за отворени податоци. Во овој проект имаме донација од британската влада. Владата ја усвои Стратегијата за сајбер безбедност, а во тек е завршувањето и на акцискиот план. Македонија аплицира да биде домаќин на регионална Академија за сајбер безбедност, за што имаме поддршка и од сите наши пријатели од земјите од Западен Балкан. Многу брзо ќе ја објавиме првата нацрт верзија на новата Стратегија за широкопојасен интернет Во соработка со ЕК, работиме на конкретен акциски план за намалување на цените за роаминг со земјите од ЕУ. Билатерално тоа го имаме со земјите од Западен Балкан, потпишавме со Бугарија, а веќе во октомври со Грција. Во соработка со нашите пријатели од ЕУ и УСАИД почнавме со подготовка на новата долгорочна Национална ИКТ стратегија. Ова е клучен документ, кој се подготвува преку Националниот совет за ИКТ, во чија изработка ќе бидете вклучени сите“, информираше министерот Манчевски.

Како што рече министерот Манчевски, речиси ништо од ова не го правиме сами, и имаме помош од нашите стратешки пријатели.

„Македонија се наоѓа пред сериозна одлука. Ние сме на раскрсница. За само неколку дена, во недела, во тие дванаесет часа, ќе го одлучиме остатокот на нашиот живот. Било што и да правиме на  30-ти септември, ќе влијае на нашата иднина. Знам дека одлуката не е лесна. Но, таа е најдобрата опција. Тоа е единствената шанса да успееме. За друг, алтернативен концепт, барем јас до сега, не сум слушнал од никого. Лично јас, друг концепт не гледам. Македонија мора решително да зачекори напред. Да ја прифати подадената рака од нашите пријатели од целиот свет. Да стане конечно дел од развиениот свет, од големите пазари, да седне на масата каде се носат одлуките, да ги искористи фондовите, да се развие и  да го направи она за што денес сме тука, со помош од европските фондови, многу брзо и реално да зачекори по патот на својата дигитална трансформација“, заклучи министерот Манчевски.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form