Сподели:

Средба на министерот Манчевски со новиот амбасадор на ОБСЕ, Која

Скопје, 3 октомври 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска се сретна со новоименуваниот Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која. На состанокот беа отворени повеќе теми кои се во фокусот на Мисијата на ОБСЕ за периодот што следува.

Министерот Манчевски се осврна на новиот Закон за висока раководна служба. Како што истакна тој, за првпат во Македонија, ќе се дефинираат јасни критериуми за избор на раководителите на институциите во земјата.

„На овој начин се обврзуваме преку нов закон да утврдиме јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализацијата на администрацијата, што е една од главните цели на процесот на реформа на јавната администрација. Тоа ќе се постигне преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и правична застапеност. Со овој концепт, ќе се постигне професионализација на високите раководни позиции“, потенцираше министерот Манчевски.

Амбасадорот Која, ја изрази поддршката на Мисијата на ОБСЕ за активностите поврзани со креирање на нова платформа за комуникација, координација и соработка помеѓу организационите единици за управување со човечки ресурси, организирани во Мрежа на организационите единици за управување со човечки ресурси на институциите од јавниот сектор.

На овој начин со заеднички напори и соработка помеѓу ОБСЕ и МИОА, ќе се работи на зајакнување на капацитетите на човечките ресурси во администрацијата, како и обезбедување на предуслови за редовна комуникација помеѓу вработените.

Министерот Манчевски, се заблагодари за досегашната соработка и поддршка што во континуитет ја добива МИОА од Мисијата на ОБСЕ. Заклучокот што произлезе од состанокот е дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина, особено во делот на реформата на јавната администрација.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form