Сподели:

Манчевски: Со хоризонтална анализа ќе воведеме ред во хаосот што постои во јавната администрација

Скопје, 25 октомври 2018 год.

Министерството за информатичко општество и администрација започнува со спроведување на хоризонталната анализа на јавната администрација.

Што значи ова? Ова значи дека конечно во Македонија, ќе воведeме ред во хаосот што постои во системот.

На овој процес му претходеше мапирање на постојните институции во земјата. На почетокот на годината со поддршка од канцеларијата на УНДП во Скопје, беше спроведена анализа на правната рамка со која се регулираат институциите од јавниот сектор. Направивме и мапирање на институциите од јавниот сектор и групирање по статус и вид, линии на одговорност и други релевантни информации.

Дополнително, беше спроведена хоризонтална функционална анализа на инспекциските служби. Целта беше да се оцени поставеноста на инспекциските служби во системот на државно уредување, нивната меѓусебна поврзаност, внатрешната организација и систематизација на работни места, интерните работни процеси, располагањето и користењето на опрема и средства за работа и слично.

Овие две анализи ја даваат основата на концептот за реорганизација. Сега имаме и јасна слика за тоа како треба да изгледа администрацијата, за да може подобро да им служи на граѓаните.

Придобивките од хоризонталната анализа се повеќекратни:

- ќе се воспостават рамки за институционална организација

- ќе се адресира проблемот со преклопување на надлежностите на институциите

- ќе се реши и проблемот со институции со еден човек

- ќе имаме јасни критериуми за тоа кои институции од кого можат да бидат основани, која институција пред кого одговара. Ова ќе се обезбеди со прецизна и јасна законска рамка

Целта е инситуциите да се групираат по области на дејствување и да се дефинира профилот на институциите.  Министерствата да се профилираат како креатори на политики, агенциите да спроведуваат политики, а функцијата на надзор ќе биде во надлежност на инспекторатите. Да се поедностави работата.

На подолг рок ова ќе значи и ревизија на Законот за организација на органите на државна управа.

Можеме да очекуваме дека во текот на спроведување на хоризонталната анализа, ќе се појави потреба од укинување на институции, намалување на бројот на управни одбори...

Крајната цел е да се подобри работата на институциите, а со тоа и квалитетот на услугите што институциите ги нудат до граѓаните.

Со оваа реформа, Владата одговара на препораките на Европската комисија, СИГМА и многу други меѓународни организации. Изготвен е и Акциски план со временска рамка и чекори што треба да ги преземе Владата и релевантните институции, со цел да се финализира хоризонталната функционална анализа, да се одреди моделот на реорганизација и да пристапи кон негова имплементација.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form