Сподели:

Завршен настан за одбележување на крајот на соработката на МИОА со Светска Банка во Вашингтон

Вашингтон, 4 јануари 2019 година

2018 година беше клучна за зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност во Република  Македонија. Во таа насока е и партнерството на Министерството за информатичко општество и администрација со Светска Банка.  За да се одбележи успешната соработка во рамки на “Глобалната програма за градење на капацитети од областа на сајбер безбедност”, како и да се споделат искуства од земјите учеснички и партнери – поддржувачи на програмата, Светска Банка одржа завршен настан во Вашингтон, каде учествуваа претставници од МИОА.

На настанот беше дискутиран регионалниот пристап и потенцијалните регионални приоритети во земјите од Западен Балкан во областа на сајбер безбедноста. Беа презентирани идеи за структурирање на регионалната соработка и начините на нивна имплементација. Особено внимание беше посветено на иницијативата на Република Македонија за основање на Регионален центар за обуки и истражувања во областа на сајбер безбедноста, а дополнително беше презентиран и модел за успешна имплементација на ваков тип на центар во рамки на глобална компанија.

Од земјите во регионот, Македонија беше издвоена како земја во која е остварена најдобра соработка и комуникација при проценката на капацитетите за зрелост за сајбер безбедност, како и  голем процент на приоретизација на препораките од добиениот извештај. Имено, 70% од препораките се вклучени во Националната стратегија за сајбер безбедност, а останатите се дел од Акцискиот план. Исто така, како што беше посочено Македонија го објави Извештајот за проценка на капацитетите за сајбер безбедност во август 2018, со што покажа транспарентност и спремност за идна соработка во оваа област.

Дополнително, беа дискутирани и улогата на Светска банка и нејзините партнери во областа на  сајбер безбедноста, научените лекции , како и начинот на кој можат да се подобри дизајнот на идните програми. 

Македонија е една од 6-те земји учеснички во овој циклус на “Глобалната програма за градење на капацитети од областа на сајбер безбедност”, меѓу кои и Албанија, Босна и Херцеговина, Гана, Киргистан и Мијанмар. Програмата е финансирана од Министерството за стратегија и финансии на Кореа, преку партнерството Кореа-Светска Банка, администрирана преку Светска Банка.

Во Македонија, програмата започна во јануари 2018 година со проценка на капацитетите на зрелост, како трета земја учесничка во оваа програма во регионот и деветта во Европа. Извештајот од проценката на капацитетите за зрелост обезбеди проценка на националните капацитети за сајбер безбедност, преку проценка на институции како и организации од приватниот сектор и граѓанскиот. Истиот беше спроведен од страна на Глобалниот Центар за Сајбер безбедност во Оксфорд.

Покрај проценката на капацитетите за зрелост, соработката со Светска Банка вклучи и и работилница за претставници од над 50 институции од јавниот сектор во Македонија преку споделување на искуство и експертиза од Кореа, консултантска помош  во евалуација на  националната Стратегија и Акциски План за сајбер безбедност, како и активности за подигнување на свеста за ризиците од сајбер безбедност.

Остварувајќи значителни придобивки од оваа програма, во краток временски период Македонија реализираше значителен прогрес во полето на зајакнување на националната сајбер безбедност – Владата ги усвои првата национална Стратегија и Акциски План за сајбер безбедност, одржани беа неколку настани за зајакнување на капацитетите од областа на сајбер безбедноста, како и активности за подигнувањее на свеста кај населението.

Следни чекори во рамките на зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност се во насока на основање на регионална академија за сајбер безбедност, како и иницијативи за подигнување на свеста за сајбер безбедност и едукативни настани.

Преглед на сите активности за зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност има во деталниот Акциски План за сајбер безбедност 2018-2022 година.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form