Сподели:

ТОЧКА ЗА ИНФОРМИРАЊЕ И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ ЗА ЈАВНИТЕ ОРГАНИ ЗА ПРИМЕНА НА ЗОУП

Скопје, 14 јануари 2019 год.

Во насока на подобрена ефикасност на управните постапки и доследна примена на Законот за општа управна постапка (ЗОУП), Министерството за информатичко општество и администрација, од денеска отвора точка  за информирање (helpdesk) и обезбедување на практични совети за јавните органи за примената на ЗОУП.

Со цел да се обезбеди поедноставна комуникација и поголема ефикасност и економичност, МИОА отвори електронска адреса на којашто јавните органи ќе можат да се обратат, да испрата прашања и коментари во однос со проблемите со кои се соочуваат при примената на ЗОУП. Прашањата ќе бидат разгледувани од административни службеници вработени во МИОА кои се дел од тимот за поддршка на имплементацијата на ЗОУП.

Одговорите на прашањата пристигнати во текот на една работна недела ќе бидат дадени до последниот работен ден од наредната работна недела.

ЗОУП ја уредува работата на управата и нејзиниот однос со граѓаните. Во минатото, главен предизвик на Законот било почитувањето на начелото на правната држава, според кое управните акти треба да се засноваат врз позитивна законска регулатива.

На овој начин, во услови на ограничување на авторитарната власт на управата, се гарантирала предвидливоста на управните акти, правна сигурност и владеење на правото.

Современиот ЗОУП треба да одговори на современите предизвици поврзани со културните, технолошките и економските промени кои се случиле во текот на изминатите децении. Една од овие промени може да се опише како поголема еднаквост во односот помеѓу државните органи и граѓаните. Современата управа повеќе не го гледа граѓанинот како потчинет пред јавните органи.

За денешната управа граѓанинот претставува вредност. Друга промена е начинот на комуникација меѓу институциите и граѓанинот како резултат на брзиот и револуционерен развој на информатичката и комуникациската технологија, како и значително зголемување и забрзување на сите видови на регулирани односи во општеството.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form