Сподели:

Министерот Манчевски ја отвори конференцијата „Модерно планирање и буџетски системи во дигитална средина“

Скопје, 12 јуни 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ја отвори конференцијата на тема: „Модерно планирање и буџетски системи во дигитална средина“. Во своето обраќање министерот Манчевски се осврна на важноста од дигитализацијата за развој на економијата, а со тоа и за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.

„Процесот на дигитална трансформација е долг и макотрпен. Сепак, во изминатите неколку години презедовме сериозни чекори за да го поправиме ова и за да го промовираме приодот „дигиталното на прво место“. За да го сториме тоа, требаше да ги поставиме и техничките, и правните темели. Како носители на дигитални политики, посветени сме на обезбедување еднаков пристап до јавните услуги за сите наши граѓани и бизниси. Сепак, поголемата достапност на услугите и можностите кои се отвараат преку дигиталните канали со себе носи поголеми предизвици. За да се олесни процесот на овој економски раст, но и за да се премости јазот со ЕУ, треба да обезбедиме силна дигитална инфраструктура, усогласеност со законските барања, како и отворен и безбеден сајбер-простор“, истакна министерот Манчевски.

Тој се осврна и на првиот столб на Дигиталната агенда на Европската Унија, а со тоа и почетокот на дигиталната трансформација на Северна Македонија, односно на усогласување на домашното законодавство со регулативата EIDAS. За таа цел, се изготви закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Целта на овој закон е да обезбеди механизми и услуги за зголемување на доверливоста при електронски трансакции, а со тоа да се обезбеди правна безбедност и да се поттикне употребата на електронска идентификација. Улогата на Владата е да го олесни склучувањето договори на регионално ниво и на ниво на ЕУ, за да се премости јазот со земјите-членки на ЕУ и да се обезбеди препознатливост на давателите на услуги од Северна Македонија.

Министерот Манчевски, зборуваше и за вклученоста на другите институции во процесот на дигитална трансформација.

„Дигитализацијата на државата е хоризонтален процес и вклучени се повеќе институции. Па така, Владата односно Министерството за финансии во соработка со останатите институции, влкучително и МИОА, работи на Интегриран систем за управување со јавните финансии, овој систем има за цел да ги спои сите институции и нивните бази.Дел од реформата е и транспарентноста, ние ги даваме информациите, а јавноста има можност будно да ги следи трошењата на државата. Веќе се направени низа чекори за подобрување на транспарентноста на јавните финансии и ако некогаш истата била критикувана од меѓународната јавност, сега е истакната како позитивна реформа. Во делот на приходите, се дигитализира Управата за јавни приходи. Преку системот Е-ПДД, граѓаните не чекаат повеќе во редици за да ги поднесат своите годишни даночни пријави. Се дигитализира и Царинската управа и на овој начин се намалуваат трошоците на компаниите за поднесување на царинските декларации. Со дигитализацијата се намалуваат и можностите за злоупотреби. Исто така, сите предмети за приватизација на земјиште, кои се во надлежност на Управата за имотно правни работи, ќе бидат јавно достапни“, информираше министерот Манчевски.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form