Сподели:

Министерот Манчевски дел од Innostar форумот во Софија, Р. Бугарија

Софија, 20 јуни 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски се обрати на Форум-Innostart, што денеска се одржува во Софија, Р. Бугарија.

На панел сесијата „Градење на иновативни екосистеми во Југоисточна Европа: политики, поддршка и претприемништво“, министерот Манчевски, се обрати заедно со бугарскиот министер за транспорт и комуникации Росен Желиасков и министерот за иновации и технолошки развој на Р. Србија, Ненад Поповиќ.

Министерот Манчевски се осврна на мерките и активностите кои ги превзема Владата на РСМ и МИОА, во контекст на дигитализација, како и за поддршката за развој на иновативни бизнис.

„Дигиталната трансформација и економија се високо на агендата на нашата Влада,  и на наше големо задоволство и на агендата на ЕУ. Подобрувањето на стандардот на сите граѓани и на натамошната макроекономска стабилност и структурните реформи во контекст на Програмите за економски реформи, се заедничка цел на сите земји.  Среќен сум што сите тука сме свесни за придобивките и го користиме овој поволен период. Но, секако може уште многу да се направи. Ние, како Влада, сметаме дека еден од моторите на дигиталната трансформација се ИКТ компаниите. Активностите за дигитализација бараат партнерски однос на владата и компаниите, но нивното спроведување бара и големи финансиски средства“, истакна министерот Манчевски.

Министерот Манчевски, ја претстави и идејата зад Научно-технолошкиот парк во Скопје, на чија имплементација се работи во моментов.

„Пред неколку месеци го отворивме бизнис акцелераторот и го најавивме првиот Научно-технолошкиот парк, во Скопје. Целта е технолошкиот парк да претставува ‘слободна зона-заеднички простор’ кој ќе ги охрабри студентите, професорите и бизнисите да се поврзат и комуницираат, да споделуваат идеи, искуства, знаења. Се надевам дека заедно ќе напишеме една успешна приказна. Да најдеме начин и да направиме не само да започне со работа, туку и да опстои. Да не биде само обично место, локација за бизниси. Да биде средина која поддржува и зближува, воспоставува партнерски однос и заеднички расте“, рече министерот Манчевски.

На панел сесијата, со видео повик се обрати и  еврокомесарката за дигитална економија и општество, Мариа Габриел. Таа ги поддржа напорите на регионот, со помош на дигитализацијата да биде поблску до Европската Унија.

Форумот INOSTART е организиран од Американската стопанска комора во Бугарија и Израел, со поддршка на Амбасадата на САД и Амбасадата на Израел во Софија.

Еднодневниот форум на едно мести собира високи владини претставници и меѓународни претпријатија од Израел, САД и од регионот, за да разговараат за најдобрите практики за градење на одржлив старт-ап екосистем и иновативна заедница.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form