Сподели:

Северна Македонија и Обединетото Кралство одржуваат експертска работилница за сајбер безбедност

Скопје, 11 јули 2019 година

Во рамки на соработката на Северна Македонија и Обединетото Кралство на полето на сајбер безбедноста, денеска во Скопје се одржува еднодневна експертска работилница за сајбер безбедност. Целта на оваа работилница е воспоставување на конкретни иницијативи за поддршка на процесот на градење на капацитети на полето на сајбер безбедноста, како и зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Настанот го отворија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, како и aмбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј.

За време на работилницата, делегацијата од Северна Македонија ги истакна стратешките цели и активностите кои се преземаат на национално ниво, во насока на зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност. Делегацијата од Обединетото Кралство сподели најдобри практики, како и конкретни мерки за поддршка на Северна Македонија при имплементација на приоритетните активности од Акцискиот План за Сајбер безбедност 2018-2022 година.

Во контекст на тоа, министерот Манчевски истакна: „Република Северна Македонија активно работи на унапредување на капацитетите за сајбер безбедност на национално ниво. Со поставување стратешка визија и практични активности за спроведување на дефинираните постапки, продолжуваме да го чекориме патот кон градење отворен, безбеден и заштитен сајбер-простор“.

Препознавајќи ја улогата на сите засегнати страни во сајбер просторот и вклучувајќи ги во процесот на спроведување на Стратегијата, Северна Македонија ги потенцира залагањата за транспарентност преку соработка со сите сектори од општеството. Нашата волја и подготвеност за градење капацитети беше поткрепена со силна соработка со меѓународни партнери, при што на наше големо задоволство денес сме домаќини на оваа експертска работилница каде можеме да научиме најдобрите практики од експерти од Обединетото Кралство, кои несебично ги споделуваат нивните искуства и експертиза.

Фокусот на Националната стратегија и Акциски план за сајбер-безбедност за периодот 2018 – 2022 година е на носење стратешки одлуки, спроведување активности на оперативно ниво, како и идентификација и заштита на критична информатичка инфраструктура. Токму во овие две сфери, Обединетото Кралство се истакнува со искуство и знаење и се надевам дека денешниот ден ќе резултира со конкретни мерки за поддршка на Северна Македонија во овие области“, рече министерот Манчевски.

„Со овој настан се одбележува уште еден важен чекор во нашата билатерална соработка која постојано се зголемува, во област која е актуелна, комплексна и која постојано еволуира. Северна Македонија, заедно со нејзините соседи, е на прво место за евроатлантската безбедност, и во географска и во дигитална смисла. Со приближувањето на Северна Македонија кон членството во НАТО, важноста од зајакнувањето на оваа прва линија на одбрана станува сè позначајна со секој изминат ден и ќе продолжи да биде значајна во текот на многу идни години. Градењето ефективни сајбер-капацитети и способности е клучен дел од подготвеноста за влез во НАТО, а Обединетото Кралство ве поддржува во подготовките во оваа насока. Денес, експерти од редовите на Владата на Обединетото Кралство ќе работат со вас за да се споделат најдобрите практики и да се идентификуваат предизвиците, можностите и следните чекори во вашиот пат кон побезбеден сајбер-простор. Сајбер-безбедноста не е област која треба да функционира изолирано. Напротив, таа е дел од поголеми напори за заштита на владите и граѓаните од низа хибридни закани. Затоа, потребен е координиран, здружен приод „цела влада“ за ефективно справување со ваквите закани. Посветени сме да работиме заедно со вас за да се обезбеди побезбеден и позаштитен онлајн-простор низ целиот регион, низ Европскиот континент и ширум светот“, заклучи  амбасадорката Галовеј.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form