UNDP ги презентираше резултатите од демо студијата со ХО лаптопите во основното образование пред министерот Ивановски

Скопје, 05 Мај 2008

Тимот од UNDP кој ја спроведуваше неколкумесечната OLPC (One Laptop Per Child) демо студија во две основни училишта во Скопје, денес пред Министерот без ресор задолжен за информатичко општество, М-р Иво Ивановски и пред претставници од Министерството за образование и наука го презентираше извештајот од студијата.

На презентацијата присуствуваа и директорите на училиштата “Војдан Чернодрински” од општина Карпош и “Дитуриа” од општина Сарај во кои беше имплементирана студијата, како и одделенските наставници на избраните паралелки.
OLPC (One Laptop Per Child) е фондација формирана од поранешни професори на Универзитетот MIT во Бостон, со мисија на секое дете од светот да му се овозможат подеднакви услови да истражува и да се изразува. Продукт на напорите на тимот на OLPC е лаптопот ХО.

Почнувајќи од ноември 2007 година, донираните 50 ХО лаптопи беа поделени на сите 48 ученици од двете избрани паралелки, како и на нивните наставници. Учениците и наставниците за многу краток период се здобија со солидни вештини за користење на ХО-ата, постигнувајќи одлични резултати. Овој успех во голем дел се должи на фактот што лаптопите им беа на располагање 24/7 од моментот на нивното доделување, што е една од важните претпоставки на едукативниот концепт на OLPC.

Изведената демо студија имаше за цел добивање релевантни податоци за придобивките од ХО лаптопите во наставата и препораки кои во иднина би и помогнале на Владата во донесување на одлуки во рамките на проектот „Компјутер за секое дете“.

Во рамки на презентацијата беа прикажани позитивните резултати кои се однесуваат на образовниот и воспитниот аспект од користењето на ХО-ата, како и осврт на основните технички карактеристики на ХО лаптопот.