Конференција на информатичко општество i2010- Брдо, Словенија

Брдо, 14 Мај 2008

На 13-14 мај 2008 година во Брдо кај Крањ се одржа Конференција за информатичко општество “i2010 Conference – Information Society at a Crossroads”. На конференцијата која се одржа во рамките на словенечкото претседателство со ЕУ учествуваа министри за образование, наука и информатичко општество од земјите – членки на ЕУ и земјите – кандидати.
Делегацијата од РМ ја предводеше министерот без ресор за развој на информатичко општество во Владата на Република Македонија, м-р Иво Ивановски.


На маргините од конференцијата , министерот Ивановски оствари средба со Мојца Куцлер Долинар , министер за високо образование, наука и технологија на Република Словенија. На средбата разменети се искуства од развојот на информатичкото општество во двете земји, при што министерот Ивановски информираше за 13-те проекти што Владата на РМ ги реализира (e-граѓани, компјутер за секое дете, обука за граѓаните, бесплатен интернет за сите граѓани на РМ, бесплатни интернет клубови, обуките за професорите , е-библиотеки – поврзување и дигитализација на 42 библиотеки во РМ, е-здравство и др.). Беше искажана подготвеност за натамошно интензивирање на досегашната успешна билатерална соработна во сферата на информатиката, со учество на експерти и фирми од Словенија во проекти во Република Македонија, посебно со оглед на нивниот кредибилитет и високо рангираното место што Словенија го завзема во рамките на ЕУ во развојот на информатичкото општество.


На конференцијата беа презентирани податоци за развојот на информатичкото општество во ЕУ, при што беше споменато дека засега, околу 250 милиони граѓани на ЕУ редовно користат интернет (околу 50 % од вкупното население на ЕУ), што им го поедноставува животот на граѓаните( плаќање на сметки, банкарски трансакции, користење на услуги од администрацијата, мрежно поврзување на стопанските субјекти и др.). Сепак, забрзаниот развој и во оваа сфера ја налага потребата од навремено воочување и изготвување мерки за предизвиците и проблемите со кои ќе треба да се соочи ЕУ во насока на справувањето со cyber-криминалот, заштитата на податоци, заштитата од хакери во државни, банкарски, здравствени и друг вид институции, но и за надминување на јазот меѓу земјите – членки на ЕУ. Австрија беше посочена како  земја со најуспешни перформанси во развојот на информатичкото општество и како земја која овозможува 100% достапност до граѓаните во контекст на јавните сервиси. Како земји со 90% покриеност и перформанси беа посочени Малта, Португалија, Словенија и Естонија.