Инсталирани 550 компјутери во средно училиште во Прилеп

Прилеп, 29 Мај 2008

Над 500 компјутери денеска се ставени во функција во средното електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп.
- Денеска се инсталирани 550 компјутери од вкупно 2.600 кои ќе бидат во функција во петте средни училишта во Прилеп до крајот на идната недела. Над 4.000 средношколци во петте прилепски училишта ќе можат функционално да ги употребуваат во наставата, изјави Иво Ивановски, министер без ресор задолжен за информатичкото општество.

Проектот „Компјутер за секое дете“ е инвестицијата на Владата за модернизација на македонското образование.
- Досега во државава комплетно се опремени 23 средни училишта, додека 35 средни училишта се инфраструктурно опремени и останува да се инсталираат компјутерите. Се исполнува динамиката и на секои три недели ќе бидат инсталирани  компјутери во 11 средни училишта така што проектот таму комплетно ќе биде завршен до крајот на јули или средината на август, изјави Ивановски.
Паралелно се работи и во основните училишта, каде во секое основно училиште  ќе бидат опремени од пет до петнаесет училници, така што до почетокот на новата учебна година целосно ќе се реализира овој проект во образовниот систем во Македонија.
Проектот чини 21 милион евра, а ќе се инсталираат вкупно речиси 100.000 компјутери во сите македонски училишта.