Електронски систем за следење документи во владините институции

Скопје, 14 Август 2008

До крајот на 2009 година Владата ќе воведе електронски систем за следење и раководење со документи што ќе ги поврзе сите владини институции - министерства, секретаријати и дел од министерските органи, најави денеска министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
Е-системот ќе има голем број модули што ќе овозможат лесно пребарување на документите и нивно автоматизирано архивирање во централна база,  верзирање со кое ќе се регистрираат измените на документите, зачувување на оригиналниот документ и сите негови надградби.
Пристапот до документите ќе биде максимално безбеден бидејќи ќе се применува електронски  дигитален потпис што ќе го поседува  секој вработен во владините институции. Со потписот ќе се евидентира кој и кога потпишал документ. Раководните лица, пак, лесно ќе можат да откријат каде се заглавени некои предмети. Документите кои ќе влегуваат во институцијата ќе бидат скенирани, индексирани и вметнати во системот, автоматски ќе добијат архивски број и потоа автоматски ќе бидат проследувани.


- Со реализација на еден ваков проект ќе се намали употребата на хартија во министерствата, со што ќе се заштедат многу финансиски средства кои ќе можат да се пренаменат за идни проекти. Ќе се обезбеди и полесна достапност до минати информации, со тоа  што ќе се креира електронска база на податоци во која ќе бидат сместени сите документи процесуирани од секоја институција, а најважно е што ќе се обезбеди поголема ефикасност за услуги кон граѓаните, рече Ивановски на прес-конференција. 


Владата за три недели  ќе објави меѓународен повик за имплементација на системот. Ивановски посочи дека процесот е комплексен и обемен. Информираше дека таков Е-систем чини околу два милини евра и дека го имаат некои влади во Европската унија, како и големи компании во светот. Во првата фаза во системот ќе бидат вклучени и подрачните единици кои се под директна надлежност на министерствата. Органите во состав на министерствата ќе влезат во втората фаза, а третата фаза ќе ги опфати сите установи.


Ивановски рече дека воведувањето на системот нема да го намали бројот на администрацијата во државните институции, но дека значајно ќе ја подобри нејзината ефикасност, зашто имплеметацијата предвидува и задолжителна обука на државните службеници.