Средните училишта од денеска поврзани во единствена комуникациска мрежа

Скопје, 1 септември 2008
- Од денеска сите средни училишта во Македонија се поврзани во единствена комуникациска мрежа, а секој ученик пред себе ќе има компјутер што ќе го користи во наставата, изјави министерот за информатичко општество Иво Ивановски по посетата на скопското средно училиште „Јосип Броз-Тито“, по повод одбележување на крајот на инсталацијата на компјутерската опрема во средните училишта во рамки на проектот „Компјутер за секое дете“.

Со проектот, што се спроведуваше една година, опфатени се 85 училишта на централно ниво, во 1.880 училници се инсталирани 55.000 работни позиции, а сите компјутери се конектирани во една комуникациска мрежа, при што ќе нема проблеми во дигресија на квалитетот во наставата, односно при употреба на компјутерите во наставата. Исклучок се пет училишта, каде поради спроведување големи градежни зафати, инсталацијата ќе се спроведе по нивното завршување. Во наредниот период Ивановски најави дека со проектот ќе бидат опфатени и 55-те дисперзирани училници во подрачните единици во државата.


- Со овој проект Македонија станува единствена земја каде што пред секој ученик од средните, а до крајот на учебната година и во основните училишта, ќе има компјутер пред секој ученик. Односот ќе биде два спрема еден. За пример, во Кореја која ја сметаат за една од најразвиените земји односот е седум спрема еден. Со овој проект сме ставени на мапата како една развиена земја за примена на информатички и комуникациски технологии, рече Ивановски заблагодарувајќи се за донацијата од Телеком со која се изгради комуникациската мрежа.


Тој најави дека проектот ќе продолжи и во основните училишта при што ќе бидат опфатени 364 училишта во градските средини, а инсталацијата на мрежата треба да заврши до крајот на ноември.

Обуката на професорите, која е втор дел од овој голем проект и ќе ја помогне УСАИД, треба да започне на крајот од овој месец. Министерот за информатичко општество истакна дека активно се работи и на третиот дел од проектот „Компјутер за секое дете“ - апликативните решенија што ќе се користат во наставата.


- Станува збор за 46 алатки, кои што се од отворен код и кои во моментот се преведуваат, се локализираат и се применуваат во самата програма според потребите кои ги има наметнато Бирото за развој на образованието во Македонија. Советниците од Бирото ги одобрија апликациите за користење во наставната програма со тоа што до 30 отсто од наставната програма ќе биде дигитализирана, што на учениците ќе им овозможи на модерен начин да ја разгледуваат и полесно да ја научат наставната материја, рече Ивановски.

Во тек е, додаде тој, преведувањето и на алатки што ќе се користат во основните училишта според програма што ќе трае во наредните четири години поради брзиот развој на информатичката технологија. Одделението што е формирано во Министерството за информатичко општество, а кое треба да прерасне во иднина во сектор, ќе се грижи за развојот на информатички и комуникациски технологии во образованието.

Димитар Ковачевски од македонски Телеком, со чија донација од три милиони евра се спроведе комуникациското поврзување на училиштата, истакна дека мрежата е изградена според најсовремените светски стандарди и поддржува секаков вид комуникација меѓу компјутерите и можност за апликација на каков било софтвер. Донацијата е во согласност со Програмата на компанијата за подобрување на образовниот систем на Македонија, надминување на дигиталниот јаз и подобрување на информациското општество. Од Телеком најавуваат продолжување на соработката со Владата преку можноста за информациско поврзување на студентските домови.


Во однос на критиките во некои медиуми дека со овој проект се изгубени од четири до шест милиони евра бидејќи компјутерите се застарени, министерот Ивановски рече дека амортизацијата на компјутерите не е 40 отсто, туку во просек се движи од 15-20 отсто, бидејќи еден животен циклус на компјутер е пет до шест години. Тој подвлече дека архитектурата на инфраструктурата која е поставена во училиштата, од типот „тин клиент - фул клиент“ (распределба на еден компјутер за седум ученици) ќе овозможи големи продобивки, бидејќи со неа се штеди во однос на потрошувачката на енергија, во одржувањето на компјутерите, како и во однос на надградбата што ќе биде потребна по пет години или евентуалната набавка на нови компјутери. Министерот Ивановски информира дека голем број земји пројавиле интерес да ја применат истата архитектура во нивните училишта.


- На еден компјутер кој е доста моќен и кој располага со ресурси еден корисник може да искористи само една десетина од моќноста. Тие перформанси ние ги поделивме на седум ученици. Тоа е една модерна напредна технологија со која што седум ученици го користат истиот комјутер. Тоа е она што е напредно во оваа технологија. Перформансите ќе бидат исти за сите ученици, односно нема да има нивна деградација кога ќе се изучува материјата и при користењето на компјутерите, рече министерот за информатичко општество Иво Ивановски.