Министерот Ивановски и вицепремиерот Боцевски во посета на Националниот координативен центар за гранично управување

Скопје, 14 септември 2008

Македонија го исполни и третиот услов за целосна либерализација на визниот режим со отварање на Националниот координативен центар за гранично управување, рече на денешната прес - конференција заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Ивица Боцевски при посетата на Центарот со министерот за информатичко опшество Иво Ивановски.


- Во моментов се залагаме за целосна визна либерализација. 2009 е годината кога целосно ќе се либерализираат визите на нашите граѓани, рече Боцевски, кој посочи дека освен со Националниот координатвиен центар Република Македонија може да се пофали и со биометриските пасоши и Национален визен центар кои, исто така, беа услов во процесот на визна либерализација.


Тој изрази надеж дека во наредниот период Европската комисија ќе ја донесе целосната одлука за визна либерализација со што Република Македонија, како што истакна излегува од балканското визно гето и граѓаните ќе имаат можност да патуваат, да студираат, да прават бизнис во земјите членки на Унијата и шенгенскиот договор.


Центарот претставува место каде ќе се слеваат информации од повеќе институции при Владата на Република Македонија и оттука ќе се врши целокупната координација на системот за гранично управување.


На денешната посета, министерот за информатичко опшество Иво Ивановски истакна дека Центарот е битен бидејќи институциите тешко ги спроведувале податоците и доколку имало нивно делење тоа се правело во хартиена форма или на дискета.


- Овој интегриран систем за првпат воведен е на највисоко тенолошко ниво со тоа што се запазени сите безбедносни карактеристики и ќе претставува база на податоци за сите стоки и услуги што влегуваат и излегуваат од Македонија, појасни Ивановски.


Директорот на Националениот координативен центар за гранично управување, Гоце Џуклески, истакна дека идеата е да се слеваат сите податоци по електронски пат да се обработуваат и да се стават во служба на Владата и повратно до сите министерства кои што имаат надлежности на границата.

- Целта е, како што рече, тој да се обезбеди што полесен проток на стоки, на капитал и на лица преку границата и да се дејствува превентивно во борбата против сите видови на меѓуграничен и пркуграничен криминал, вклучувајќи ги и организираните форми на криминалитет.


Во Центарот се координирани осум министерства кои што имаат надлежности на границата и дирекцијата за радијациона сигурност. Во него се слеваат сите податоци и институциите во секој момент ќе имаат нформации од сите гранични премини вклучувајќи ги и двата аеродрома. Тој почна да функционира од 31 јануари годинава и е единствен на Балканот.