Ивановски: 90 проценти од училиштата ги користат компјутерите, во останатите директорите не ги вклучуваат

Скопје, 14 септември 2008

Деведесет проценти од училиштата во земјава веќе ги користат компјутерите поставени за следење на наставата, а оние 10 проценти каде не се вклучени, министерот за информатичко општество Иво Ивановски посочи дека за тоа се задолжени директорите и апелираше до нив да ги вклучат за учениците да можат побрзо да напредуваат.


-Во 88 средни училишта се инсталирани сите компјутери и остануваат уште пет каде има конструктивни зафати и не е безбедно да ги поставиме, изјави министерот Ивановски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Националниот координативен центр за гранично управување, заедно со вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски.


Тој посочи дека употребата на компјутерите е во надлежност на директорите на училиштата и оти нема причина тие да не вклучат. -Со тоа што не ги вклучуваат компјутерите само им прават штета на своите ученици, бидејќи не можат да напредуваат како учениците во училиштата каде се користат, истакна Ивановски и апелираше до директорите тоа да го сторат што поскоро.


Тој додаде дека имало доста критики оти наставниците и професорите не биле обучени за системот „Линукс“, кој според него е 99 проценти сличен со виндоусот и оти тие ќе можат комплетно да го совладаат со дополнително едночасовно запознавање на алатките што се вградени во него.
Од октомври ќе започне и обука што ќе се спроведе заедно со УСАИД, која ќе трае континуирано во наредните години, бидејќи ќе има секоја година дополнителни алатики, најави министерот Ивановски.


-Имаме информации дека имало отпор кај професорите и наставниците и можеби тој отпор доаѓа, бидејќи тие се на некој начин од постарата генерација кои не се согласуваат со модернизацијата на образованиот процес која ние ја спроведуваме, додаде министерот Ивановски

.
Проектот компјутер пред секое дете, како што истакна вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски, има поддршка и од родителите и од наставниците и оти има притисок од нив тој да почне поскоро да се применува за учениците кога ќе завршат да бидат компјутерски образовани.