Годишните сметки за 2008 година по електронски пат ќе можат да се испратат до Централниот регистар

Скопје, 17 септември 2008

Правните лица годишните сметки за 2008 година по електронски пат ќе можат да ги испратат до Централниот регистар, најави министерот за информатичко општество Иво Ивановски по дненешната посета на оваа институција.


Целта на посетата беше запознавање со напредокот на можноста за регистрација на фирми во Македонија по електронски пат, односно преку Интернет.

- Услугите што ги нуди Централниот регистар по електронски пат моментално се неколку но доста значајни. Корисниците по електронски пат може да ја проверат зафатеноста на името, односно називот на правното лице кое сакаат да го регистрираат, електронски да резервираат име за определен временски период и најголемата новост е што годишните сметки за 2008 година по електронски пат ќе можат да ги испрататат до Централниот регистар, изјави министерот Ивановски.


Тој нагласи дека Централниот регистар, како институција што нуди најмногу услуги кон граѓаните на Република Македонија, има голем напредок во 2008 и додаде дека за наредната година се предвидува тој да биде уште позначаен.


- Централниот регистар за наредната година има предвидено реализација на повеќе проекти кои ќе бидат иновативни и чија цел е олеснување на животот на граѓаните. До крајот на 2009 година ќе има поедноставување на едношалтерскиот систем, со што во Република Македонија ќе може да се регистрира фирма преку Интернет. Целта на Министерството за информатичко општество, како координатор и предлагач на голем број проекти, што се однесуваат на услугите кои ги даваат државните институции, е нив да ги направи подостапни за граѓаните, односно да ги добиваат по електронски пат, рече Ивановски.

Министерот за информатичко општество појасни дека со измените сите правни лица, кои претходно требаше да одат на шалтер, да чекаат таму, да ги потполнат сите документи и да платат надомест од 1.000 денари, сега тоа ќе можат да го направат електронски, односно со користење на дигитален електронски потпис од својот компјутер ќе можат да ги симнат и пополнат формуларите, да платат 400 денари и со тоа да заштедат време и средства.

- Министерството константно ја промовира електронската услуга за да им се олесни животот на граѓаните, а тоа ќе го правиме со воведување информатички и комуникациски технологии во сите државни институции што нудат услуги кон граѓаните. За наредната година имаме утврдено голем број на проекти и тоа не само за Централниот регистар, туку и за останатите државни институции, посочи министерот Ивановски.

Директорот на Централниот регистар Зоран Алексов рече дека се надева оти до средината на 2009 година ќе може до Централниот регистар да се поднесуваат барања за добивање на документи и тие да се добиваат во електронска форма потпишани од страна на институцијата.


- Сакаме луѓето кои доаѓаат во Централниот регистар за кратко време да си ја завршуваат работата и да заштедат и време и средства. Се поглем дел од нашите услуги ќе бидат електронски поставени и луѓето не ќе мораат да доаѓаат кај нас. Ќе станеме високо софистицирана институција која ќе биде максимално во служба на граѓаните, рече Алексов.


Тој истакна дека покрај тоа што во текот на наредната година ќе може да се регистрира фирма во Македонија преку Интернет и за тоа да се добие решението по електронски пат во форма на документ кој ќе биде дигитално потпишан со втората фаза од развојот на едношалтерскиот систем се предвидува во моментот на регистарција да се пријавуваат и првите вработени во фирмата, можност, како што рече, што засега не постои никаде во светот.

Директорот на Централниот регистар потсети дека според Douing Bussines во делот започнување на бизнис Македонија има огромен напредок на листите.


- Во 2006 година бевме на 84. место, минатата година на 24., а сега сме на 12. место. Со промените што ги воведуваме се надеваме дека наредната година ќе бидеме во самиот врв на овој извештај. Работата на Централниот регистар е поздравена секаде и за експресно време станавме членка на Европскиот бизнис регистар, рече Алексов.


Алексов прецизира дека до крајот на октомври годинава, кога во Кардиф, Велика Британија ќе се одржи генералното собрание на Европскиот бизнис регистар, Централниот регистар ќе биде поврзан со Европскиот бизнис регистар и сите податоци за македонските активни компании ќе бидат ставени на располагање на околу 20 милиони компании кои се регистрирани во Европа. Исто така, и сите заинтересирани субјекти од Македонија кои имаат деловни партнери во Европа ќе можат да ги гледаат податоците оттаму.