Ивановски: Македонија напредува во однос на ИКТ како двигател на демократијата

Охрид, 26 септември

Република Македонија одлично напредува во однос на воведувањето на информатичките и комуникациските технологии како двигател на демократијата во државата и покрај тоа што изминатите две до три години имаше економска криза во регионот.

Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на отворањето на дводневната конференција за е-демократија 2011 на тема „Информатичка и телекомуникациска технологија, двигател на демократијата и транспарентноста“ која денеска почна во Охрид.
Владата на Република Македонија, рече Ивановски, работеше на развивање на информатичкото општество во последните шест години со еден брз ритам и ние многу постигнавме, но тоа не е доволно и секогаш може повеќе да се направи. Тој посочи дека од она што можеле да го презентираат од последните достигнувања е активното вклучување на граѓаните во оценувањето на администрацијата. Тоа е воведувањето на т.н. семафор на уредот со кој се пилотира во пет институции во Македонија.


- Наскоро тој ќе се инсталира во сите останати институции каде што има шалтер, ќе се надгради системот со дополнителни функционалности каде активно ќе влијае и врз евалуацијата на службеникот. Ќе има можност да се оценува преку интернет, а од дискутантите беше предложено да се има можност за оценување преку мобилен уред, рече Ивановски.


Иамјќи предвид, потенцира тој, дека во минатото 464 закони кои беа донесени од Владата и Парламентот беа поминати низ системот каде граѓаните можат активно да коментираат на законите додека се во драфт-фаза, тоа е највисокото ниво на едно демократско општество.


- Ние продолжуваме со тоа и сите закони кои Владата и министерствата ќе ги предлагаат граѓаните ќе имаат можност да коментираат додека тие се во фаза на изработка, а после да преминат во Собранието, додаде Ивановски.


Според него, ваквите конференции се место каде доаѓаат креативни идеи, се разменуваат искуства и знаења со цел земјите во развој и развиените земји да инвестираат во технолошките пронајдоци, во производи со кои ќе им се овозможи на граѓаните активно да партиципираат во развојот на демократијата.
Директорот на Центарот за развој на е-влада за ЈИЕ Блаж Голоб истакна дека Македонија не е добра само во кошарка, туку и во решенијата за развој на е-демократија. Затоа, како што рече, Центарот одлучи по вторпат да ја организира конференцијата во Охрид.


- Е-демократијата значи полесен пристап за комуникација меѓу владите и парламентите со граѓаните. Денес голем проблем претставува дисконекцијата меѓу политичките елити и граѓаните. Голем предизвик за владите е со нивните ресурси да ги подобруваат потребите на граѓаните. Информатиката е само еден сегмент од развојот на е-демократијата, посочи Голоб.


Васко Кроневски, извршен директор на Некстсенс, кој е организатор на втората конференција за „Е-демократија 2011“ рече дека се повеќе земјите од регионот и од ЈИЕ, Блискиот Исток и Северна Африка се осврнуваат кон информатиката како начин да се доближат до граѓаните. Конференцијата станува претпознатлив бренд во светски рамки, исакна Кроневски.


Почнуваме, нагласи Кроневски, да привлекуваме внимание како за експертите, така и за консументите - владините агенции и парламентите да доаѓаат во Охрид на оваа конференција како место каде еднаш годишно дискутираме за она што е постигнато.


Меѓу темите на коишто денеска и утре расправаат учесниците на конференцијата од 17 држави се улогата на информатичката технологија во јакнењето на демократијата и транспарентноста на јавните институции, искористувањето на ИКТ во поддршка на демократијата и за новите трендови на владите за спроведување на ИКТ.


Финалните заклучоци утре на затворањето на конференцијата ќе ги презентира вршителот на должноста шеф на Делегацијата на ЕУ Роберт Лидл.