Студенстките домови до крајот на годината со интернет пристап

Скопје, 17 септември 2008

Министерот за информатичкo општество Иво Ивановски попладнево го посети студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ за да ја разгледа состојбата за поставување комуникациска мрежа во домовите, со што сите студенти би имале интернет пристап.




- Инсталирањето интернет во сите студентски домови, што го ветивме како Влада на Република Македонија, денеска можеме официјално да го најавиме. Во текот на наредната недела ќе биде распишан тендер на кој ќе бидат одбрани фирмите што ќе ја постават мрежата во домовите, изјави министерот Ивановски.


Просториите и енергетската согласност во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, како што истакна министерот, се уште не се соодветни за поставување интернет во собите, бидејќи станува збор за стара градба.


До крајот на оваа година интернет пристапот ќе биде поставен во сите студентски домови низ Македонија, освен во домовите во Битола, Штип и скопскиот „Кузман Јосифовски Питу“, кои, според Ивановски, се уште немаат доволно енергетска согласност и ќе бидат мрежно поврзани во текот на идната година.
При денешната посета на домот, министерот Ивановски за крајот на 2009 година најави и поврзување со оптички линкови на еден студентски дом.
Интернет пристапот во студентските домови е дел од донацијата на „Македонски Телеком“.


Одговарајќи на новинарско прашање за употребата на веќе поставените компјутери во средните училишта - дел од проектот „Компјутер за секое дете“ министерот рече дека компјутерите веќе се користат, но по желба на професорот.


- Со модернизација на образованието законски не е воведено дека професорот ќе го оценува ученикот по она што го изучува на компјутер. Ние сакаме да дојдеме до степен кога секој професор ќе го користи компјутерот, но мислиме дека тоа ќе се случи откако ќе завршат сите обуки за наставниците. Ние апелираме до сите одговорни лица да ги користат компјутерите, одговори министерот Ивановски.


Досега се набавени 18.000 компјутери за сите средни училишта, а останатите во основните училишта се во процес на инсталирање.