Шеста конференција на асоцијацијата СЕЕИТА

Охрид, 22 Септември 2008

Заменикот Министер за информатичко општество,  д-р Мирјана Секуловска, на 22 септември, со поздравен говор ја отвори шестата конференција на Асоцијацијата СЕЕИТА, во организација на Македонската комора за информатичка технологија, МАСИТ. Д-р Секуловска во својот поздравен говор, пред 200 експерти од 13 земји од регионот на Југоисточна Европа, срдечно ја поздрави иницијативата и напорот за организирањето на една конференција од ваков тип и воедно се заложи за понатамошно продолжување на веќе шестгодишната традиција.



“Оваа конференција е одлична можност за воспоставување на дијалог помеѓу компаниите и асоцијациите од секторот, за дискусија на теми кои се од заеднички интерес, имајќи ги предвид приоритетите на ИТ индустријата во регионот, размена на најдобрите искуства и практики како и предвидување и договарање на идни настани, заедничка соработка на ИТ проекти и сл. “ изјави д-р Секуловска.

Во својот поздравен говор, Заменик Министерот, Секуловска, воедно го претстави проектот “ Компјутер за секое дете “ при што истакна дека образовната основа на најмладите е еден од најзначајните предизвици во градењето на информатичкото општество.



Со свои поздравни говори на почетокот на конференцијата, исто така се обратија и: г-динот Васко Кронески, претседателот на МАСИТ, неговото височество, Томас Навратил, заменик шеф на Американската мисија во Македонија, проф.д-р Алеш Добникар од Министерството за јавна администрација на Словенија, г-динот Блаз Голаб, од СЕЕ центарот за развој на електронско управување и г-динот Тони Петрески, претседател на бордот на конференцијата СЕЕИТА.