НЕМА ПОГРЕШНА ВРАТА

НЕМА ПОГРЕШНА ВРАТА

Првата врата е вистинската врата

 

Зошто нема погрешна врата?

 

Поради бројните владини институции многу луѓе не се во можност да одредат која институција е надлежна за нивната потреба, а притоа се среќаваат со потешкотии и во комуникацијата со администрацијата. Затоа може да се почувствуваат отфрлено и исфрустрирано во потрагата по решението на своето барање. Оттука потребен е начин на работење на јавните и државните службеници со кој им се излегува во пресрет на граѓаните и им се помага во поврзувањето со надлежната институција, без разлика дали се на вистинското место или не. Со тоа се избегнуваат пречките што би се јавиле при барањето и давањето на услугите што ги нудат институциите на системот. Ова значи дека граѓаните ќе можат да ги добијат услугите без многубројни телефонски јавувања или “вообичаеното“ одење од една до друга врата низ администрацијата.

 

ВИЗИЈАТА на новиот пристап е јавна администрација: ориентирана кон граѓаните, достапна за корисниците, со координирани услуги, чија крајна цел е да им се помогне на странките и да се одговори на нивните барања.

 

Што значи “Нема погрешна врата“?

 

Денес граѓаните имаат високи очекувања од владините институции при извршувањето на јавните услуги. Тие сакаат брза, ефикасна и квалитетна услуга од администрацијата, без разлика на времето и местото, која ќе биде завршена со љубезност, транспарентност и одговорност од страна на службениците. Концептот “Нема погрешна врата“ е нов пристап на работење на администрацијата кој произлегува од потребите Владата да понуди сервис кој ќе биде ориентиран кон граѓаните и ќе овозможи подобра соработка и координација во извршувањето на јавните услуги.

 

Согласно Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2011-2015, Министерството за информатичко општество и администрација се заложува за: зголемување на транспарентноста и отвореноста на системот на јавната администрација и државна служба, подобрување на квалитетот на услугите и за зголемување на задоволството на граѓаните и приватните правни субјекти кои се корисници на јавните услуги. Во таа насока се реализираат повеќе проекти за јакнење на капацитетите на администрацијата, а еден од нив е токму концептот “Нема погрешна врата“.

 

Новиот начин на работење е иновативен и со алтернативен пристап во однос на  досегашното работење на службениците. Со него граѓаните ќе бидат задолжително услужени, без разлика дали се обратиле во вистинската канцеларија во институцијата. Ова значи напуштање на досегашната пракса на службениците да работат само во рамките на индивидуалните надлежности, без давање било каква помош или упатување на граѓаните како да дојдат до услуги обезбедени и од други надлежни органи. Битно е да се спомене дека овој пристап моментално се користи во бројни институции, но главната идеја е да стане вообичаено однесување на секој вработен во администрацијата.

 

Реализација на “Нема погрешна врата“

 

Концептот “Нема погрешна врата“ како специфична политика, се спроведува во Македонија од 2012 година и во поширока смисла ќе се одвива долгорочно. Во почетната фаза ќе се имплементира само во рамките на поединечен орган на државната управа, што не значи дека граѓаните ќе добијат кои и да било услуги во една иста институција. Сепак, постоечките критериуми ќе продолжат да се применуваат при работењето на администрацијата, со тоа што според новиот пристап, граѓаните ќе добијат подобро ниво на услуга и полесно ќе дојдат до надлежното лице за нивниот предмет.

 

Во насока на понатамошен развој на концептот, се отвара можноста за вмрежување на владините институции за да се добие поголема меѓусебна координираност во давањето на услугите. Тоа практично значи дека во која и да е институција да се обратиле граѓаните за првпат, а истата не е надлежна за нивното барање, службениците ќе треба да ги упатат во соодветната институција што го третира тоа барање.

 

Придобивки од “Нема погрешна врата“

 

Концептот претставува основа на работењето на администрацијата, односно лицата што вршат работи поврзани со функциите на државата во согласност со Уставот и со законите и ратификуваните меѓународни договори. На овој начин службениците ќе бидат во можност да ги утврдат многубројните и сложени проблеми на странките, а што ќе им помогне за да им излезат во пресрет при решавањето на нивните барања.

 

За корисниците на услугите на администрацијата пак, ова значи дека ќе се намалат потешкотиите во комуникацијата со владините институции, што ќе доведе до заштеда на средствата и скратување на времето за да се одговори на нивните потреби.

 

Со пристапот “Нема погрешна врата“ се очекува да се подобрат услугите кон граѓаните, но истиот ќе доведе и до промена на негативната слика за јавната администрација како трома, неефикасна и незаинтересирана за потребите и барањата од граѓаните - во лесно достапна и ориентирана кон граѓаните.