ЧПП за ИТ проценители

 


 

Што е процена?

 

Процена е процес на определување, односно проценување на пазарната вредност на предметот на процена од страна на овластен проценувач, во случаи определени со Закон или по барање на заинтересирано лице – нарачател.

 

Кога се врши процена?

 

Согласно Законот за процена, процена се врши во случаи на:

  1. пренос на правото на сопственост,
  2. определување на вредностa на капитал во случаи во кои доаѓа до промена на вредноста и структурата на капиталот и  при статусни измени,
  3. стечајна постапка и ликвидација,
  4. при финансирање и подигање на хипотекарен и заложен кредит,
  5. пребивање на побарување,
  6. постапка за експропријација,
  7. оданочување со даноци на имот,
  8. инвеститорски консалтинг и
  9. во други случаи предвидени со закон.

 

Кој може да врши процена?

 

  1. Физичко лице - трговец поединец кое е регистрирано согласно со Законот за трговските друштва за вршење на процена и му е издадена лиценца за процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи и
  2. Друштво за процена регистрирано согласно со Законот за трговските друштва за вршење на   процена и има лиценца за   процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи

 

Како да станам проценител?

 

За да станете проценител најпрво треба да ги исполните условите за да се пријавите на прва почетна обука, кои според Законот се:

  1. да е државјанин на Република Македонија,
  2. да има живеалиште во Република Македонија,
  3. да има високо образование (диплома со завршено четиригодишно високо образование или диплома со 300 кредити според европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС)),
  4. доказ за најмалку пет години работно искуство во областа на процена или во областа на Информатичка технологија.

Доколку ги исполнувате условите за проценител од соодветна област, се пријавувате на оглас за обука кој го распишува Комората на проценители, поднесувјќи ги потребните документи согласно огласот. Откако ќе ја завршите обуката добивате сертификат за почетна обука. Понатаму, треба да се пријавите на огласот за прв стручен испит за проценител, кој го објавува министерството одговорно за соодветната област на процена. Со успешно положување на стручниот испит добивате уверение за положен прв стручен испит.

Уверението за положен испит треба да го искористите во рок од една година за да се вработите кај правно лице регистрирано за процена или да отворите сопствена фирма и да станете трговец поединец. Со ова вие како трговец поединец или фирмата каде сте вработени како проценител поднесува барање до соодветното министерство зависно од областа за која сте полагале стручен испит и министерството издава Лиценца. Откако ќе ја земете лиценцата согласно законот, станувате проценител и можете да вршите процена.

Министерството за информатичко општество и администрација е надлежно за процената од областа на информатичките технологии и на неговата веб локација во делот Документи/Закони, може да се најде Методологијата за процена на вредноста на информатичка технологија. Во делот ИТ Проценители/Документи, покрај Методологијата, може да ги најдете и следните документи: Програма за прва почетна обука за проценувачи на вредноста на информатичка технологија, Програма за полагање на стручен испит за проценувач за процена на вредноста на информатичка технологија и Правилник за бодирање на писмениот дел од стручниот испит за проценувачи од областа на информатичка технологија.

 

Од што се состои една обука?

 

Почетната  обуката  за  проценител  се  организира  за  стекнување  практични  и теоретски знаења и вештини, со цел да се создадат обучени и стручни кандидати за полагање на стручен испит за проценувач.

Почетната  обука  за  проценувач  ја  спроведува  Комората  на  проценувачи  во соработка со соодветното министерство и не може да трае повеќе од 30 часа.
По завршената обука кандидатот може да го полага стручниот испит најдоцна во рок од една година од завршување на обуката.

Огласот со кои се покануваат сите заинтересирани лица да посетуваат обука се објавува во два дневни весници, од кои еден на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република Македонија.

 

Кои документи треба да се поднесат за обуката и каде?

 

Кандидатите кои имаат интерес за посетување на почетна обука за овластен проценувач од областа на ИТ треба да поднесат Барање до архивата на Комората на проценители и следните документи да ги приложат кон барањето:

  1. Барање
  2. Уплатница (образец ПП50) за уплатени сретства за трошоци на обуката
  3. Копие од лична карта
  4. Доказ за завршено високо образование
  5. Доказ за најмалку пет години работно искуство во областа на процена или во областа на Информатичка технологија

 

Кои документи треба да се поднесат за испитот и каде?

 

Кандидатите кои имаат интерес за полагање на првиот стручен испит за овластен проценител од областа на ИТ треба да поднесат Барање до архивата на Министерството за информатичко општество и администрација или по пошта на адреса: Министерство за информатичко општество и администрација ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје, со приложување на следните документи:

  1. Барање
  2. Уплатница ПП50
  3. Заверено копие од државјанство на Република Македонија,
  4. Заверено копие од лична карта,
  5. Доказ за завршено високо образование (диплома за завршено четиригодишно високо образование или диплома со 300 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС), 
  6. Заверено копие од сертификат за завршена почетна обука за проценувач од областа на процена за која се пријавува испитот

Колку чини испитот?

 

Надоместокот на трошоците за испит за проценувач изнесуваат 5.000,00 денари. Надоместокот за трошоците за испит за проценувач за лица кои повеќе од шест месеци се невработени, изнесува 1.500,00 денари, за што е потребно да се достави потврда за невработеност која не може да биде постара од 15 дена од денот на објавување на Известувањето.

Корисниците на социјална помош се ослободени од плаќање на  трошоците за испит со доставување на потврда за корисник на социјална помош, која не може да биде постара од 15 дена од денот на објавувањето на Известувањето.
Засега, надоместокот за испит е утврден на национално ниво и за сите области на процена.

 

Кога ќе се одржи следниот стручен испит?

 

Терминот за следниот испит, согласно законот ќе биде објавен во два дневни весници и на нашата веб локација www.mioa.gov.mk.

 

Дали има ограничен број на лиценци?

 

Бројот на кандидати за обука, кандидати за испит и барања за лиценци, не е ограничен, но влијае на организацијата на обуката и испитот.

 

 

Кoнтакт тeлeфон за повеќе информации: 3200-898