Арсовска Томовска го отвори четвртиот NASA Space Apps Challenge

Скопје, 22 април 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска го отвори 4. по ред NASA Space Apps Challenge, интернационален хакатон организиран од New Мan’s бизнис акцелератор. Тимови од целиот свет, до 24. Април ќе соработуваат и ќе се поврзуваат со јавно достапни информации обезбедени од НАСА, за да дизајнираат иновативни решенија поврзани со животот на Земјата и во Вселената.

 

Арсовска Томовска посочи дека ваквите настани претставуваат извонредна можност, младите да ги промовираат своите вештини на интернационално ниво и затоа е многу важно младите генерации да бидат поттикнувани да вложуваат во себе и во своите знаења.

 

,,Токму координативниот тим од Македонија во последните години реализираше препознатливи резултати. Освоените награди и признанија, креираните виртуелни тимови, програмите за акцелерирање на проектите, покажуваат дека синергијата и тимската работа се вистинскиот пат до постигнување меѓународни успеси. Сето ова е доказ дека младите програмери од нашата земја се подготвени да ги измерат силите со нивните колеги од најразвиените земји", потенцираше Арсовска Томовска, истакнувајќи дека продолжува заложбата за поддршка на младите талентирани информатичари.

 

Најдобрите тимови ќе имаат можност да влезат во Европската програма за акцелерирање на проектите. NASA Space Apps Challenge истовремено се одржува на 4 локации во Македонија-освен во Скопје, и во Битола, Охрид и Тетово, како и во 150 градови во светот, а во 2014 година Скопје беше позиционирано како лидер на глобално ниво по најголем број на прифатени проекти од НАСА.

 

 

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација