Муцунски учествуваше на 15-тата сесија на Комитетот на експерти за јавна администрација во Њујорк

Њујорк, 22 април 2016 година

Заменик Министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски учествуваше на 15-тата сесија на Комитетот на експерти за јавна администрација при Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОЦ).

 

За време на средбите, учесниците дискутираа на теми поврзани со јавната администрација, меѓу другото за идниот развој на современите јавни администрации и како истите треба да бидат креатори на продуктивни политики во интерес на граѓаните.

 

Во неговата дискусија Муцунски ја афирмираше заложбата на Владата на Република Македонија за постојано унапредување на условите во јавниот сектор, како за вработените така и за граѓаните кои се приматели на услуги. Притоа заменик министерот ја нагласи важноста од имплементацијата на новите системски закони од оваа сфера, кои се донесени во консултација со Европската унија и други меѓународни експерти.

 

Настанот се одржа од 18. до 22. април во седиштето на Светската Организација во Њујорк при што се дискутираше и на теми како: подобрување на ангажманот и комуникацијата меѓу Владите и засегнатите страни, отворена влада и електронски и мобилни решенија, како и зајакнување на довербата на граѓаните во ефикасноста, веродостојноста и интегритетот на јавната администрација.

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација