Арсовска Томовска на Светскиот самит за информатичко општество 2016

Женева, 4 мај 2016 година

 

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска на 3-ти и 4-ти мај учествуваше на Светскиот самит за информатичко општество 2016 во Женева, Швајцарија. На оваа најголема годишна средба на ИКТ заедницата во светот, се дискутираше на теми поврзани со информациско - комуникациските технологии, како и за начините за остварување на целите на Обединетите Нации за одржлив развој.

 

Арсовска Томовска имаше обраќање на сесијата посветена на темата: „Општества базирани на знаење, градење на капацитетите, и е-учење", при што се осврна на активностите во насока на поттикнување на развојот на информатичкото општество и создавање на ефикасна администрација. „Создавањето на ефективни, одговорни и транспарентни институции е една од целите на Обединетите Нации за одржлив развој. Во таа смисла, Република Македонија останува посветена на преземањето низа активности за имплементирање на системи за управување со учењето, кои ќе ги исполнат целите предвидени со реформите во јавниот сектор”, рече Арсовска Томовска. Таа меѓу другото го посочи спроведувањето на обуки за државните службеници, како и воведувањето на т.н. „Микроучење“, со што Македонија стана првата држава во регионот што го вовела овој систем, кој овозможува надградба на знаењата на администрацијата, без напуштање на работното место.

 

На самитот во Женева, Арсовска Томовска учествуваше и на Министерската тркалезна маса, на која се дискутираше за можностите и предизвиците поврзани со спроведувањето на целите за одржлив развој, при што високите претставници ги споделија најдобрите практики во однос на заклучоците од претходно одржаниот Самит.

 

Инаку, на свеченото отворање обраќања имаа Генералниот Секретар на ОН Бан Ки Мун и Генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска Унија, Хулин Жао.Светскиот самит за информатичко општество е во организација на Меѓународната телекомуникациска унија, а како коорганизатори се јавуваат УНЕСКО, УНЦТАД и УНДП. На самитот учествуваат претставници од повеќе од 80 земји во светот, меѓу кои министри, владини претставници, меѓународни организации, приватен сектор и претставници на граѓанското општество.

 

 

 

 

Односи со јавност при Министерството за информатичко општество и администрација