Работен состанок за Интероперабилност

Скопје, 9 мај 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска оствари работен состанок со директорите на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски, на Царинската управа Наташа Радеска-Крстевска и на Управата за јавни приходи Кирил Миновски, како и со В.Д. Директорот на Фондот за ПИОМ, Шаип Зенељи.

 

На состанокот се разговараше за статусот на имплементација на втората и третата фаза на проектот интероперабилност, како и за степенот на подготвеноста на институциите за целосна имплементација на новиот Закон за општата управна постапка кој ќе почне да се применува од Август 2016-та година, особено во контекст на електронската размена на податоци и документи по службена должност помеѓу институциите. Претходно, работни состаноци на оваа тема беа одржани со Централниот Регистар, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за водење на матични книги.

 

Во текот на овој месец планирани се состаноци со сите останати 18 институции кои се вклучени во проектот Интероперабилност, како и голем број други активности во насока на создавање на услови за целосно искористување на можностите кои се предвидени со електронското поврзување на институциите. Втората фаза од проектот интероперабилност е финансиран со ИПА средства, додека третата фаза од буџетот на Република Македонија.

 

Со целосна имплементација на овој проект, како и новиот Закон за општата управна постапка и материјалните закони кои на почетокот на оваа година беа усогласени со новиот закон, граѓаните и компаниите ќе бидат ослободени од обврската во текот на управните постапки да прибавуваат и приложуваат документи кои се водат во службените евиденции на државните органи, со што ќе се обезбедат побрзи и поефикасни административни услуги.

 

 

Односи со јавност при Министерството за информатичко општество и администрација