Арсовска Томовска на 22-рата меѓународна конференција во Дубаи

Дубаи, 23 мај 2016

Mинистерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска изминатиот викенд присуствуваше на меѓународната конференција “Паметни Влади и Паметни градови” која се одржа во Дубаи, Обединети Арапски Емирати. Целта на конференцијата беше размена на искуства за стратегии и проекти поврзани со современите концепти на електронско работење на јавните институции, односно како користењето на информациско-комуникациските технологии може да ги унапреди услугите кои ги обезбедуваат властите на централно и локално ниво кон граѓаните и бизнис секторот.

 

Министерката Арсовска Томовска, заедно со словенечкиот Вицепремиер и министер за јавна администрација, г-динот Борис Копривникар ја отворија конференцијата со воведни излагања. Притоа, Арсовска Томовска во своето воведно излагање ги презентираше стратешките приоритети, како и реализираните и планираните проекти во Република Македонија поврзани со електронското работење на јавните институции и тоа проектот интероперабилност, е-влада, е-здравство, е-набавки, е-даноци, е-катастар, е-царина, е-регистрација на фирми и други е-проекти.

 

Присутните го поздравија напредокот на Република Македонија во оваа област и покажаа интерес за продлабочување на соработката преку размена на материјали и реализација на студиски посети со цел подетално запознавање со реализираните проекти. Државната компанија Алровадс, која ги имплементира државните ИКТ проекти на Владата на Обединетите Арапски Емирати покажа особен интерес за проектите Мој термин и е-набавки и беше договорена тесна соработка во следниот период.

 

На маргините на конференцијата, Арсовска Томовска одржа работен состанок со г-ѓата Самиа Мелем од Светска банка од Вашингтон, за плановите на Република Македонија во однос на развојот на информатичкото општество и поддршката која Светската Банка ќе ја обезбеди на ова поле во следниот период.

 

 

 

Односи со јавност при Министерството за информатичко општество и администрација