Прв натпревар за 'Microsoft Office Specialist' во Македонија

Скопје, 28 мај 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска го отвори првиот Национален натпревар за 'Microsoft Office Specialist', организиран од Цертиадриа, заедно со компанијата Микрософт Македонија. Натпреварувачите, на возраст меѓу 13 и 22 години имаа можност да ги покажат своите вештини во познавање на Microsoft Office апликациите Microsoft Word, Excel® и PowerPoint.

 

„Дигиталните вештини се на второ место на најбараните вештини кога еден кандидат се пријавува на оглас за работно место. Да се биде дигитално писмен значи исто и како да се биде традиционално писмен, односно да се знае да се чита и пишува. Во тој контекст многу е важно да се промовира дигиталната писменост меѓу најмладите во Република Македонија и овој натпревар којшто се одржува денеска има за цел, да ги пронајде младите луѓе кои се талентирани, да ги избере најдобрите и понатаму да обезбеди нивно учество на светскиот натпревар кој ќе се одржи во САД“, рече Арсовска Томовска.

 

Таа посочи дека Владата на Република Македонија ја поддржува оваа и многу други иницијативи и помага со обезбедување широк спектар на стипендии од областа на информатиката и компјутерските науки, со цел младите од најмали нозе да ги користат компјутерите, но и да научат програмирање .

 

Вкупно 1430 кандидати од цела Македонија , во периодот од ноември 2015 до мај 2016 , полагаа 1960 тестови за Word, Excel, PowerPoint од MS Office 2010 и 2013. Оние кои ги положија тестовите се стекнаа со глобално признаени сертификати. Рангирани според највисоките резултати, денеска се натпреваруваа најдобрите 45 учесници од нив. Најдобриот натпреварувач ќе ја претставува нашата држава на светскиот натпревар за 'Microsoft Office Specialist', што ќе се одржи во Орландо САД, во август.

 

Инаку, Специјалист за Мајкрософт Офис (MOS – Microsoft Office Specialist) е еден од најполаганите водечки ИТ сертификати во светот, со повеќе од 1 милион положени испити годишно, во 140 земји во светот.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација