Арсовска Томовска на конференција за реформа на јавната администрација во Виена

Виена 24 јуни 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на конференцијата „Управување во јавниот сектор како основа за Европска интеграција“, што на 23. и 24. јуни се одржа во Виена, Република Австрија.

 

Арсовска Томовска го претстави искуството на Република Македонија во однос на реформите во јавната администрација за професионално, ефикасно и транспарентно испорачување подобри услуги за граѓаните. Притоа потенцираше дека реформата на јавната администрација е битен фактор за одржлив економски развој и подобар животен стандард.

 

„Во изминатите неколку години Владата на Република Македонија преку нашето Министерство спроведе низа активности и имплементираше закони и мерки со цел подобро креирање на јавни политики, инклузивни консултативни процеси, отчетност, отворени податоци, дигитална трансформација“, рече Арсовска Томовска, нагласувајќи дека со јасен план, силно лидерство, напорна работа и соработка, јавната администрација може да се прилагоди на брзото менување на потребите во општеството.

 

 

Министерката меѓу другото го посочи воспоставувањето на Регистарот за вработените во јавниот сектор, донесувањето на Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници, Законот за општата управна постапка, како и системот за интероперабилност.

 

„На почетокот на оваа година почнавме и со изготвувањето на новата Стратегија за реформа во јавната администрација 2016-2021 во која учествуваат работни групи составени од претставници на државните институции, претставници од невладиниот сектор, како и повеќе академски професори, а целиот процес е координиран од МИОА и СИГМА/ОЕЦД“, истакна Арсовска Томовска, потенцирајќи дека Стратегијата заедно со нејзиниот Акциски план ќе претставува солидна стратешка рамка за продолжување по патот на реформите.

 

На конференцијата во Виена учествуваа високи претставници од централната и локалната власт од земјите од Западен Балкан, како и од земјите - членки на Европската Унија кои имаа можност да разменат искуства и мислења во однос на јавната администрација и доброто управување. Меѓу говорниците беа и Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, Кори Удовички, потпретседател на српската Влада, Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, како и Еврокомесарот за проширување и добрососедство Јоханес Хан.

 

Конференцијата ја организираше Австриското министерство за надворешни работи и европска интеграција, градот Виена и Советот за регионална соработка.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација