Од 1 август најголеми промени во последните 80 години, со новиот Закон за општа управна постапка

Скопје, 28 јуни 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска на денешната прес конференција се осврна на најголемите промени во работата на јавната администрација во последните 80 години, предвидени со новиот Закон за општа управна постапка, кој ќе почне да се применува од 1 август 2016 година.

 

„Од 1 август 2016 година ниту граѓаните ниту компаниите нема да имаат никаква обврска да доставуваат било какви документи и докази туку тие ќе бидат прибавувани од страна на самите службеници, додека од граѓаните и од компаниите ќе се бараат само докази кои се од личен карактер, како што се лекарски потврди, договори за купопродажба, закуп, градежни елаборати и слично", рече Арсовска Томовска, потенцирајќи дека со ваквиот начин на работа ќе се обезбеди заштеда на време и на средства за граѓаните и компаниите, кои нема да имаат обврска да одат од шалтер на шалтер.

 

Друга новина во ЗОУП-от е и обврската на органите, податоците и документите да ги разменуваат во електронска форма, за што Министерството воспостави електронска платформа за интероперабилност и даде можност за користење на услуги за електронска испорака на документи.

 

Надзор над одредбите на ЗОУП-от врши Државниот управен инспекторат, кој ќе поведува прекршочни постапки за непочитување на законите и законските рокови, а незадоволните граѓани и компании ќе можат до инспекторатот да поднесуваат претставки.

 

„Имплементацијата на новиот ЗОУП ќе бара промена во сфаќањата и нов пристап во работата на администрацијата, која треба да претставува вистински сервис за граѓаните и компаниите и да биде главен двигател на позитивните промени во општественото опкружување. Ваквиот партнерски однос помеѓу институциите, граѓаните и бизнис заедницата е најдобар начин за враќање на довербата на граѓаните кон јавните институции, поголемо задоволство на граѓаните и поголема почит кон јавната администрација“, истакна Арсовска Томовска.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација