Заменик министерот Муцунски на работен состанок во Охрид за новиот ЗОУП

Охрид, 29 јуни 2016 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски одржa работен состанок со градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески и со директорите на јавните претпријатија, установи и институции под надлежност на општина Охрид. Состанокот беше посветен на новиот Закон за општата управна постапка со кој се поедноставуваат постапките за вадење на документи од државните институции.

 

Притоа, Муцунски ги презентираше измените во Законот кој ќе стапи на сила на 1.август. Охрид е првата општина од каде што започна посетата на општините од страна на стручен тим на МИОА предводен од Заменик Министерот Муцунски и директорот на државниот управен инспекторат, Ромео Деребан.

 

 

„Целта на нашите посети е да видиме дали е спремна управата и секако доколку постојат одредени недостатоци и проблеми, да им помогнеме тие да се решат, пред отпочнувањето на примената на Законот. Очекуваме дека ќе има многу позитивен ефект од примената на законот, како од граѓаните, така и од бизнис заедницата и секако од јавната администрација", истакна Муцунски, нагласувајќи дека примената на овој закон има за цел создавање партнерски однос помеѓу граѓаните, администрацијата и бизнис секторот, подигнување на квалитетот на јавните услуги, учеството во управните постапки да биде побрзо, за што има значително скратување на роковите.

 

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески од своја страна потенцираше дека новиот ЗОУП ќе овозможи подобрување на ефикасноста во функционирањето на локалната самоуправа и државните институции.

 

Инаку, граѓаните и компаниите од 1 август годинава при барање услуги од администрацијата нема да одат од шалтер на шалтер и да носат документи и докази освен оние кои државата не ги поседува во својата евиденција. Тоа во нивно име ќе го прават административните службеници кои по службена должност се обврзани да ги обезбедат во рок од три дена.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација