Јавна консултација со граѓанскиот сектор за новата Стратегија за РЈА

Скопје, 30 јуни 2016 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски денеска имаше воведно обраќање на јавната консултација со граѓанскиот сектор насловена како „Приоритети за новата Стратегија за реформа на јавната администрација 2016–2021“, во организација на проектот ИПА 2 механизмот за граѓански организации.

 

Муцунски истакна дека ваквите настани се доказ за заложбата на Владата на Република Македонија за унапредувањето на транспарентноста и отчетноста кај институциите, кои ефикасно ќе комуницираат и соработуваат со граѓаните.

 

 

„Во изработката на новата Стратегија, покрај претставниците на државните институции, учествува и граѓанскиот и академскиот сектор. Сметаме дека нивната експертиза во конкретната област ќе придонесе за изработка на еден квалитетен стратешки документ. На тој начин, јасно ги таргетираме предизвиците и заеднички нудиме решенија, во насока на понатамошно подобрување на квалитетот на државната администрација", рече Муцунски.

 

Учесниците на јавната дискусија имаа можност да разменуваат ставови и мислења во однос на темите како што се: креирање политики, стратешко планирање и координација, јавни услуги, државна служба и управување со човечки ресурси, отчетност, одговорност и транспарентност итн.

 

Инаку, на настанот се обратија и Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, како и Ирена Иванова од делегацијата на Европската Унија, а меѓу присутните имаше и претставници од граѓанскиот сектор, стопанските комори и МАСИТ.

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација