Арсовска Томовска на работен состанок во Велес за новиот ЗОУП

Велес, 1 јули 2016 година

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска одржа работен состанок со градоначалникот на општина Велес Славчо Чадиев и со директорите на јавните претпријатија, установи и институции под надлежност на општина Велес, за новиот Закон за општата управна постапка.

 

Арсовска Томовска пред присутните ги истакна новините кои со себе ги носи овој Закон, со кој се поедноставуваат постапките за вадење документи од државните институции.

 

„Ова е голема новина која ќе заштеди време и пари на граѓаните кои нема да имаат потреба да одат од шалтер на шалтер, така што практично општинската администрација ќе стане партнер бидејќи во нивно име ќе заврши дел од работата. На тој начин сметаме дека многу ќе го олесниме животот и работата на граѓаните на Велес и тоа ќе значи голем чекор напред во приближувањето на јавната администрација“, истакна Арсовска Томовска, потенцирајќи дека општина Велес е една од најподготвените општини, со најдобра општинска администрација која ги следи политиките кои ги креира Министерството.

 

Градоначалникот на Велес Чадиев од своја страна истакна дека општината е подготвена се што се бара на ниво на локална самоуправа да го заврши согласно Законот, со цел граѓаните да бидат задоволни.

 

Новиот Закон за општата управна постапка ќе почне да се применува од 1 август 2016 година.

 

 

 

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација