Муцунски на Форумот за бизнисмени и инвеститори во Република Македонија од дијаспората

Скопје, 21 јули 2016 година

Заменик Министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски се обрати на Форумот за бизнисмени и инвеститори во Република Македонија од дијаспората, во организација на Македонија 2025 и Агенцијата за иселеништво на РМ. Целта на настанот е да ги сумира искуствата и впечатоците на инвеститорите и истите да ги претвори во анализа со препораки кои ќе одат во прилог на градење на стратегија за зголемување на инвестициите од страна на Македонците кои живеат надвор од нашата држава.

 

„Во Република Македонија одамна е започнат развојот на е-владини решенија. Бенефитите за бизнисите, упростувањето на нивната комуникација кон органите во процесите на остварување на нивните права и обврски, се само причина плус да постои побарувачка и оние кои не се, да бидат дигитализирани. Македонија покажа дека стратешка определба е да се одговори на потребите на бизнис секторот овозможувајќи му услугите да ги добие целосно електронски, од било која точка на светот “, истакна Муцунски.

 

Тој се осврна на заложбите на Министерството за унапредување на администрацијата при што го посочи воведувањето на Законот за општа и управна постапка кој започнува со примена од 1 август оваа година, платформата за Интероперабилност, развивањето на Првата верзија на Стандардите за квалитет на податоци, како и Каталогот на јавни услуги.

 

„Дополнително, до крајот на годинава се планира отворање на сала – Една точка за услуги, каде ќе има по еден шалтер од 11 најфреквентни издавачи на услуги и каде ќе се издаваат околу 60 услуги“, додаде Заменик министерот Муцунски, потенцирајќи дека реформата на администрацијата, која ќе биде вистински сервис за бизнисот и граѓаните и главен двигател на општествениот развој, и понатаму останува приоритетна определба на министерството и Владата.

 

 

 

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација