Во Велес е отворен 30-от бесплатен интернет клуб

Велес, 25 јули 2016 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски и градоначалникот на општина Велес, Славчо Чадиев, денеска отворија нов интернет клуб во рамките на проектот на МИОА „Светот на дланка", кој има за цел приближување на интернет технологиите до граѓаните и развој на информатичкото општество во Република Македонија.

 

„Денеска сме во општина Велес за да го отвориме јубилејниот 30-ти бесплатен интернет клуб", истакна Заменик министерот Муцунски, заблагодарувајќи му се на градоначалникот и на советот на општината за партнерската соработка во реализацијата на овој проект.

 

Муцунски потенцираше дека проектот има неколку цели, при што примарната е реализирање на концептот за е-инклузија, што значи овозможување пристап до интернет на што е можно повеќе граѓани. Осврнувајќи се на статистичките податоци за искористеноста на ваквите интернет клубови на територијата на Република Македонија, тој посочи дека во текот на минатата година над 128.000 граѓани ги искористиле капацитетите на интернет клубовите на МИОА, а 70 проценти биле млади луѓе на возраст до 26 години.

 

Градоначалникот на општина Велес, Славчо Чадиев исто така ја поздрави соработката со МИОА, додавајќи дека општината ги обезбедила просторните услови и тековното одржување, додека Министерството ја обезбедува целокупната ИТ опрема со нејзино одржување, канцелариска опрема, интернет и едно вработено лице, кое ќе ја организира секојдневната активност на клубот.

 

Како дел од проектите за развој на информатичкото општество на МИОА, “Светот на дланка” започна да се реализира во 2007 година и досега се отворени вкупно 30 бесплатни интернет клубови низ Република Македонија. Проектот има за цел намалување на дигиталниот јаз, зголемување на интернет пенетрацијата и вклученоста на граѓаните во информатичкото општество, односно е-инклузија.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација