Нов бронзен медал за Македонија на Меѓународната олимпијада по информатика

Казањ, Русија, 17 август 2016 година

Младите македонски информатичари постигнаа нов голем успех, освојувајќи бронзен медал на 28-мата по ред Меѓународна олимпијада по информатика, која од 12-ти до 19-ти Август се одржува во Казањ, Русија.

 

 

Македонија на овој најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци во светски рамки ја претставува тимот составен од натпреварувачите Владимир Максимовски, Димитар Бајрактаров, Никола Стојкоски и Душан Терзиќ, предводени од Емил Станков и Весна Киранџиска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

 

На овогодинешната Меѓународна олимпијада по информатика учествуваа вкупно 308 ученици од 86 земји од светот. Во оваа силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои 17-годишниот Владимир Максимовски.

 

Остварениот резултат претставува нова потврда дека Македонија треба да биде горда на своите млади ученици, кои со своето знаење од областа на компјутерските науки што одново и одново го демонстрираат на интернационалните информатички олимпијади, уште еднаш докажаа дека без сомнение припаѓаат меѓу најдобрите во целиот свет.

 

Од своето прво учество на Меѓународна олимпијада по информатика во 1996 година, Република Македонија досега има освоено 1 сребрен и 14 бронзени медали.

 

 

 

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација