Република Македонија -плодна почва за ИТ таленти

Скопје, 1 септември 2016 година

Министерката за информатичко општество и админстрација Марта Арсовска Томовска денеска оствари средба со претседателот на здружението на информатичари на Македонија, Миле Јованов, при што му честиташе за најновите успеси на нашите млади информатичари на меѓународните натпревари, односно освојувањето на бронзените медали на Балканската и Светската Олимпијада по информатика, кои летово се одржаа во Никозија, Кипар и во Казан, Русија.

 

„Еден од главните приоритети на Владата на РМ на полето на информатиката е до 2020 година да го удвоиме бројот на остручен ИТ кадар кои излегува од македонскиот образовен систем и затоа осмисливме еден системски приод. Имено, минатата година воведовме предмет алгоритамско размислување како основи на програмирање и работа со компјутер уште за учениците од третите одделенија, што ја направи Македонија една од првите земји во светот кои трендот за рана информатичка едукација го интегрираа во формалното образование. Понатаму, континуирано го зголемуваме бројот на математички и информатички паралелки во средните училишта, а низ годиниве отворивме нови ИКТ факултети и цел еден ИКТ универзитет. Континуирано преку кампањи, иницијативи и проекти, ги мотивираме младите да изберат кариера во областа на информатиката. ", истакна Арсовска Томовска.

 

Таа додаде дека МИОА континуирано дава поддршка на секој настан во државата кој има за цел да ја промовира оваа област и активно соработува со домашните и странските ИКТ компании во земјата кои на Министерството гледаат како на партнер. „Целта ни е да креираме што поголем број на ИКТ работни места“, рече Министерката Арсовска Томовска, нагласувајќи дека посебен акцент се дава на поддршката на натпреварите по информатика. Јованов го искажа своето уверување дека поддршката на ваквите натпревари придонесува за рано идентификување на талентираните ученици, нивно следење, дообучување и подготовка за идна кариера во областа на информатиката, како и за мотивација на сите останати ученици.

 

Двајцата соговорници се согласија дека Македонија има потенцијал и квалитетни ИКТ кадри и претставува одлична дестинација не само за развој на оригинални македонски информатички решенија, туку и за outsourcing, со оглед на фактот што платите на информатичарите кои работат од Македонија се на исто ниво со платите на светскиот ИКТ пазар, додека трошоците на живот се значително пониски. На средбата исто така беа договорени и идните чекори на меѓусебната соработка. Инаку, Министерството подготви Краткорочна ИКТ Стратегија 2016-2017, чија што цел е да се зголеми придонесот на ИКТ индустријата во насока на одржлив економски развој и отворање на нови работни места во рамките на ИКТ и други поддржани индустрии.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација