Арсовска Томовска на Министерска средба за Дигитална Tрансформација на Западен Балкан

Блед, 5 септември 2016 година

Во рамки на 11-от Стратешки форум во Блед, Република Словенија, денеска се одржа Средба на министрите од Западен Балкан на тема "Креирање околина за Дигитална Трансформација - Улогата на државата".

 

Министерот Марта Арсовска Томовска имаше свое обраќање на средбата на кое укажа дека за Дигитална Трансформација не е доволна само технологија, туку и стратешка определба на држава и посветено лидерство. Таа ги елаборираше основните стратешки цели од областа на Дигиталната Трансформација, ги презентираше успешните функционални решенија, направените законски измени за непречена дигитализација, проектите што се во тек во насока на Дигитална Трансформација, како и "градежните блокови" за успешна трансформација.

 

Посебно се осврна на градењето на компетентни човечки ресурси, било како корисници или даватели на услуги, и важноста на транзиција на државата во улога на овозможувач, а не само давател на јавни услуги. Од презентациите на сите земји учеснички, евидентни се заедничките визии за Big Data, Cloud, Паметни влади, Отворени податоци, Зелена иднина и Дигитален еко систем. Заеднички е и предизвикот за дефинирање на мапа на дигиталниот свет.

 

На крајот на средбата министрите од сите земји усвоија заклучоци за заедничка соработка во насока на Дигиталната Tрансформација.

 

 

 

 

 

 

Односи со јавноста при Министерство за информатичко општество и администрација