Средба со Јорген Рингард од ЕУ, задолжен за истражувачко медиумско известување

Скопје, 12 септември 2016 година

 

Во Министерството за информатичко општество и администрација се одржа работна средба меѓу претставници од Секторот за комуникации при министерството и г-дин Јорген Рингард од Данска, задолжен од Европската Унија да изврши проценка на потребата и можноста да се подобри квалитетот на новинарството и истражувачкото известување, преку подобрување на образовните капацитети за медиумските професионалци во Западен Балкан.

 

На средбата се дискутираше за состојбата со медиумите во Македонија и улогата која ја има Министерството за информатичко општество и администрација во однос на своите надлежности. Притоа, беше истакната поддршката на истражувачкото новинарство преку спроведување на континуирани обуки и учество на домашни и меѓународни новинарски работилници. Меѓу другото стана збор и за саморегулацијата и корегулацијата како мошне битни фактори на кои треба да се обрне повеќе внимание во иднина.

 

Во рамките на разговорите за проектот на Европската Унија, кој треба да поттикне креирање професионални новинарски истражувачки стории преку обуки на новинарите, беше потенцирано дека за негова успешна имплементација посебно треба да се внимава на принципите на транспарентност и недискриминација, како и тоа секој заинтересиран медиумски работник однапред да ги знае условите за апликација во проектот. На тој начин ќе се придонесе да се формира прецизна слика за целите на проектот и ќе се постигнат очекуваните резултати од неговото спроведување.

 

На средбата повторно беше истакната заложбата на Министерството за информатичко општество и администрација за објективни критериуми во новинарството, независна поставеност на медиумите и професионални новинарски стандарди.

Односи со јавноста при Министерството за информатичко општество и администрација