Арсовска Томовска се обрати на Првиот академски час пред студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола

Битола, 15.септември 2016 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска присуствуваше на Првиот академски час на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, при што им се обрати на новозапишаните студенти од Факултетот за информатички и комуникациски технологии како најмлада и Факултетот за биотехнички науки како една од најстарите единици во составот на УКЛО.

 

,,Професиите поврзани со технoлогијата, особено информатичките и биотехничките науки, се професии на иднината “, истакна Арсовска Томовска, додавајќи дека овие професии се многу барани на пазарот на трудот и дефицитарни, така што овозможуваат брзо вработување веднаш по дипломирањето, а тоа подразбира и отворање на голем број нови работни места.

 

Посакувајќи им успех на студентите во претстојните години, Министерката им порача дека тие треба да се стремат кон постојано надградување на своите знаења, особено преку искористувањето на информациите кои се достапни со новите технологии. Во новата академска 2016/2017 година на ФИКТ се запишани 178 студенти, а на Факултетот за биотехнички науки: 68.

 

Свое обраќање имаа и Деканот на ФИКТ Пеце Митревски, Деканот на Факултетот за биотехнички науки Љупче Кочоски, како и Ректорот на Универзитетот Сашо Коруновски. Настанот заврши со свечено доделување награди за најдобрите студенти.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација