Арсовска Томовска го најави одржувањето на јубилејната 10-та Јуниорска Балканска олимпијада по информатика

Скопје, 17 септември 2016 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска и претседателот на Здружението на информатичари на Македонија, Миле Јованов, го најавија одржувањето на Јуниорската балканска олимпијада по информатика. Земја домаќин на овој врвен натпревар по програмирање кој се одржува по јубилеен, 10-ти пат е Македонија, а организатор е Здружението на информатичари на Македонија со поддршка на МИОА и Фондацијата Телеком за Македонија.

 

Арсовска Томовска посочи дека развојот на информатичкото општество е стратешка определба на Владата на Република Македонија. Економската конкурентност зависи од нивото на продуктивност, а во денешните економии базирани на знаење, токму ИКТ секторот го детерминира нивото на продуктивност.

 

„Трендот на раст на ИКТ индустријата по сите параметри е исклучително висок. Ако пред 10 години, во 2006-тата сме имале 400-ни компании од областа на информатичко-комуникациските технологии, со близу 1.900 вработени, сега имаме 1.500 ИКТ компании со околу 15.000 вработени. Динамиката на отворање на нови работни места во оваа област, ја диктитра и потребата за зголемување на обемот на работна сила", рече Арсовска Томовска, додавајќи дека затоа е неопходно да се обезбедат услови за зголемена продукција на квалификуван ИКТ кадар, што се овозможува преку системски приод како што е раната информатичка едукација која е интегрирана уште во основното образование, зголемен број на специјализирани образовни институции од оваа област, иновативни наставни програми, дигитално описменет наставно-научен кадар, обезбедена инфраструктура (компјутери и интернет) во образованието и во домаќинствата, и секако, активности за промоција на информатиката генерално.

 

Истакнувајќи дека МИОА секогаш ги поддржува ваквите настани кои ги популаризираат информатичките науки кај младите, Арсовска Томовска се осврна на фактот, дека информатиката е нашата најнаградувана научна дисциплина на меѓународните натпревари. За тоа говорат и неодамна освоените бронзени медали на Светската и Балканската Олимпијада по информатика, кои летово се одржаа во Казањ, Русија и во Никозија, Кипар, но и освоените вкупно 35 медали на меѓународните натпреварувања по информатика, за што како земја треба особено да бидеме горди.

 

Претседателот на Здружението на информатичари на Македонија, Миле Јованов, од своја страна и се заблагодари на Министерката и МИОА за поддршката и ангажманот со сериозни поддржувачи, што ќе придонесе за квалитетна организација на настанот. На Јуниорската балканска олимпијада која ќе трае до 22 септември во Скопје, ќе учествуваат ученици на возраст до 15,5 години од земјите членки на Балканската иницијатива: Македонија, Кипар, Словенија, Романија, Молдавија, Грција, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија.

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација