Арсовска Томовска на Светскиот форум „Давос на ИКТ“ во Холандија, посветен на дигиталната трансформација

Ајндховен, 20 септември 2016 година

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествуваше на најпрестижниот светски форум за ИКТ во Холандија, познат како „Давос на информациско-комуникациските технологии“. Станува збор за „Глобалниот форум 2016“ што се одржа на тема: „Дигитализација: Глобална трансформација-нови практики, на кој се дискутираше за влијанието на дигитализацијата врз развојот на општеството, визии за иднината, нови современи практики, како и примената на дигитализацијата во различните сфери на живеењето.

 

Арсовска Томовска имаше свое обраќање на воведната сесија при што се осврна на главните столбови на кои се темели Дигиталната Трансформација во Република Македонија, кои вклучуваат: поддршка на иновациите и технолошкиот развој, обезбедување на универзален пристап до технологијата и заедничко разбирање на нејзиното користење, градење партнерски однос со граѓаните, како и континуирана надградба на човечките капацитети.

 

„Дигиталната трансформација на општеството има многу подлабока смисла и подразбира создавање на нови стратегии, процеси и модели, кои ќе доведат до нови и подобри начини за создавање на вредности”, рече Арсовска Томовска. Меѓу другото, го посочи воведувањето на широкопојасниот интернет и 5G, Интероперабилноста за електронска испорака на услуги, Отворени владини податоци, cloud computing, е-учење, регулаторната гилотина и итн.

 

За време на одржувањето на форумот, Министерката имаше можност да оствари бројни средби со високи претставници и експерти и да размени искуства во однос на новите технолошки решенија и развој на ИКТ секторот.

 

На „Глобалниот форум 2016“, чиешто присуство е исклучиво на покана на организаторот, беа присутни повеќе од 300 учесници од над 40 земји во светот, вклучувајќи високи претставници на повеќе влади од САД до Јапонија, на Европската Комисија, Светската Банка, ОЕЦД, потоа претставници на најголемите технолошки компании во светот, како и врвни професори и иноватори.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација